Skip to main content

АВМУ ги отфрли обвинувањата на СДСМ за цензура: Филипче ја обвини Агенцијата дека се обидува да му ја забрани прес-конференцијата

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека се обидела да го спречи емитувањето на прес-конференцијата на претседателот на партијата, Венко Филипче, за време на изборниот молк во Брвеница, оценувајќи дека станува збор за неосновани обвинувања и обид законското постапување на регулаторот да се претстави како цензура.

Реакцијата на Агенцијата следува откако СДСМ на 31 октомври обвини дека преку директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, премиерот Христијан Мицкоски се обидува да ја забрани прес-конференцијата на Филипче да се емитува во медиумите.

„Христијан Мицкоски е во паника. Преку Зоран Трајчевски и АВМУ се обидува да ја забрани денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, да не се емитува на медиумите. Забрануваат пренос во медиумите, се закануваат со казни повикувајќи се на изборниот молк, иако СДСМ не учествува на изборите во Брвеница и не поддржа никого во вториот круг“, наведоа од СДСМ.

Од партијата тогаш порачаа дека станува збор за обиди за цензура, споредувајќи ги со методите на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Филипче, пак, на прес-конференцијата изјави дека го почитува изборниот молк и одлуката на медиумите да не присуствуваат, но побара од директорот на АВМУ да објасни зошто не реагирал на ист начин пред првиот круг од изборите во Брвеница, кога СДСМ исто така одржувала прес-конференции.

Од АВМУ одговорија дека Изборниот законик јасно ги утврдува ограничувањата за време на изборниот молк, меѓу кои и забраната за емитување изјави од претставници на политички партии, согласно член 76-б став 3.

Од Агенцијата објаснуваат дека дописот што Филипче го нарекол „некакво писмо“ е официјален документ со наслов „Потсетување за изборниот молк за предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница“, доставен по електронска пошта до националните медиуми и до медиумите чија програма може да се следи на територијата на општината.

АВМУ нагласува дека документот не претставува забрана, ниту цензура, туку редовно потсетување на законските обврски на медиумите.

Во однос на забелешката на СДСМ за различниот пристап во двата изборни круга, Агенцијата посочува дека потсетувањето за првиот круг било доставено на 15 октомври 2026 година, веднаш по 13 часот, додека дописот за вториот круг бил испратен на 29 октомври во 15:17 часот.

Двата дописа, како што велат од АВМУ, се јавно објавени на веб-страницата на Агенцијата и покажуваат дека станува збор за редовна институционална практика, односно превентивно постапување во функција на законитоста и заштитата на интегритетот на изборниот процес.

„Крајно неодговорно и неприфатливо е политичка партија, и тоа најголемата опозициска партија, да организира прес-конференција за време на изборен молк. Со ваквото постапување, медиумите се доведуваат во ситуација да се соочат со дилема дали да го прекршат Изборниот законик“, велат од АВМУ.

Од Агенцијата порачуваат дека ниту една политичка партија не може да очекува нејзините политички интереси да бидат над законските правила и дека слободата на медиумите и слободата на изразување не можат да бидат оправдување за игнорирање на законските обврски.

АВМУ најавува дека ќе продолжи да постапува независно и професионално, во рамките на своите надлежности, без селективност и подлегнување на политички притисоци.

Поврзани вести