
Од 28 август до 13 септември во Маврови Анови на јавно тениско игралиште ќе се одржи второто издание на Маврово Опен – аматерски, хуманитарен тенис турнир кој од иницијатива на група пријатели прераснува во настан посветен на спортот, заедницата и создавањето активен простор за сите генерации.
По успешното прво издание во 2025 година, кога турнирот беше инициран со цел да придонесе кон подобрување на условите во основното училиште во село Маврово, годинава Маврово Опен ја продолжува истата мисија, но ја проширува својата програма и влијание.
Она што особено го одбележува второто издание е растот на самиот турнир. Интересот за учество оваа година е повеќе од двојно поголем, со вкупно 84 натпреварувачи во категориите мажи, жени и полу-професионалци. За првпат, полу-професионалната категорија ќе игра и во двојки, со што турнирот носи уште повозбудлив тенис за публиката.
„Веруваме дека спортот не е само натпревар, туку начин да се поврзат луѓето, да се оживеат јавните простори и да се создадат места каде што децата ќе имаат причина да останат, да се дружат и да растат. Токму затоа годинава уште поголем фокус ставаме на детската програмата и искуствата на децата“, велат организаторите.
Една од главните цели на Маврово Опен е да покаже дека јавниот простор има вредност само доколку навистина се користи. Организаторите сметаат дека предност во користењето на овој простор треба да имаат децата од локалната заедница.
Нема смисла да имаме прекрасно тениско игралиште изградено по професионални стандарди, ако децата од општината немаат можност да го користат и да го запознаат тенисот како спорт. Затоа оваа година, покрај турнирот, сакаме да им дадеме на децата можност навистина да влезат на теренот, да земат рекет и да го искусат спортот одблизу.“ – вели Филип Крстевски, претседател на МО.
Во рамки на детската програма годинава ќе се реализира и посебен тенис тренинг за децата од ОУ Денче Дејаноски во Маврово, со професионален тренер и тениска опрема, на официјалното игралиште на турнирот. Програмата се реализира со поддршка од Европската Унија.

Оваа година за првпат е отворена и волонтерска програма, преку која младите имаат можат активно да се вклучат во реализацијата на настанот и да придонесат кон создавањето на заедничка иницијатива.
За посетителите кои не можат да бидат физички присутни во Маврово, натпреварите годинава ќе имаат и професионален пренос во живо. Македонски Телеком, како технолошки партнер на турнирот, ќе обезбеди и бесплатен стабилен интернет на целата локација.
Како и лани, и оваа година ќе биде организиран бесплатен превоз до Маврово и околу езерото, со поддршка од АБЦ Рент а кар, со цел посетителите да можат полесно, поекономично и поеколошки да пристигнат на настанот. Воедно, организаторите ова го прават за да испратат порака дека на Маврово му е потребен јавен превоз во високата сезона зиме и лете.
И за крај, во соработка со платформата за архитектура и урбанизам МЕЛЕЕМ, распишан е конкурс за архитектонско решение за трибина покрај тениското игралиште.
Со овој конкурс организаторите сакаат да отворат поширока дискусија за тоа како еден спортски терен може да прерасне во квалитетен јавен простор – место за гледање натпревари, дружење, престој и секојдневно користење од страна на локалната заедница.
Како и минатата година, Маврово Опен го задржува својот хуманитарен карактер. Турнирот е инициран со идеја да придонесе кон подобрување на условите во основното училиште во село Маврово, кое со само неколку ученици е еден од симболите на предизвиците со кои се соочуваат малите локални заедници.

Маврово Опен 2026 ќе се одржи од 28 август до 13 септември на тениското игралиште во Маврови Анови.
Маврово Опен е целосно волонтерска иницијатива, реализирана со поддршка од институции, компании, локални партнери, волонтери и пријатели на турнирот.

Македонски


