
Во недела (13 април) ќе се одржи 13. издание на „Авицена Женска Трка“ во организација на Сојуз на Спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје. Стартот на кружната трка во должина од 3 километри ќе биде во 10.00 часот од булевар „Илинден“, во близина на фонтана „Лотос“. Пред самиот почеток, во 09:40 часот, предвидено е и загревање со аеробик вежби. Досега се пријавени приближно 3000 учеснички во трката, а има вкупно девет старосни категории.
По истрчаните 3 километри ќе бидат прогласени најдобрите, по што ќе следува доделување подароци на добитничките обезбедени од партнерите на трката. Најсреќните ќе бидат извлечени во лотаријата што ќе се одржи ден претходно (сабота, 12 април), во која ќе учествуваат сите стартни броеви на натпреварувачките.
Во периодот од 09:00-11:00 часот ќе има посебен сообраќаен режим на булеварот „Илинден”.
Со категории за сите возрасти и вредни награди, оваа трка е повеќе од спортски настан, таа претставува симбол на женска сила, мотивација и поддршка. Минатогодишниот успех на Авицена Женска Трка донесе рекордна бројка на женски учеснички на Виз Ер Скопскиот Маратон – дури 52% од сите учесници беа жени!
Оваа трка веќе тринаесет години по ред е симбол за мотивација и успех, за постигнати резултати и поставени нови цели, како и за здрав и правилен животен стил. Организаторите на настанот известуваат дека и оваа година има голем број пријавени и на сите учеснички на трката им посакуваат среќа.