
Почина Џорџ Форман, еден од најголемите боксери во историјата, олимписки победник и двократен светски шампион во тешка категорија.
„Нашите срца се скршени. Со длабока тага ја објавуваме смртта на нашиот сакан Џорџ Едвард Форман Св. кој почина мирно на 21 март 2025 година, опкружен со најблиските. Побожен проповедник, посветен сопруг, љубовен татко и горд дедо и прадедо, тој живееше живот обележан со непоколеблива вера и понизност – објави семејството на Форман на Инстаграм.
Форман почина на 76-годишна возраст. Роден и израснат во сиромашниот дел на Хјустон, Џорџ Форман се издигна од скромните почетоци и стана едно од најпочитуваните имиња во спортската историја. Тој го привлече вниманието со освојувањето на златниот медал на Олимписките игри во Мексико Сити во 1968 година. Тој заврши три од неговите четири олимписки борби со нокаут.
Стана професионалец една година подоцна и доминираше во спортот во следните пет. Тој ги доби своите први 40 борби. Светската титула во тешка категорија ја освои во 1973 година со славната победа над Џо Фрејзер, кого го нокаутираше во втората рунда. Потоа во два меча успешно ја одбрани титулата, но во третиот го чекаше Мохамед Али.
Во класикот што ќе стане познат како „Борба во џунглата“ во Киншаси во 1974 година, Форман беше тежок фаворит, но Али го нокаутираше во осмата рунда.
Форман потоа се сврте кон религијата, се пензионираше и беше ракоположен за свештеник и отвори младински центар во Хјустон.
На боксот му се врати една деценија подоцна и во едно од најпознатите враќања на спортската сцена, на 45-годишна возраст, стана најстариот светски шампион во историјата победувајќи го Мајкл Мурер во 1994 година.
Во кариерата имаше 81 професионални борби, а на 76 победи, од кои 68 со нокаут.