Skip to main content

Планинарите се збогуваат со членовите кои ги изгубија во пожарот – Беше ведро дете, секогаш насмеана, зрачеше со позитивна енергија

Freepik

Федерацијата на планински спортови на Македонија (ФПСМ) изрази најдлабоко сочувство до семејствата на сите жртви од катастрофалниот пожар во дискотека во Кочани.

Од Федерацијата известија дека во големата трагедија животот го загубија и младите планинари Ѓорѓи Величков и Ивона Антова.

Најдлабоко сочувство и утеха до семејствата на нашите прерано заминати планинари од Кочани, Ивона Антова и Ѓорѓи Величков🖤🖤
Сочувство до семејствата и на останатите жртви.
ФПСМ изразува желби и надеж за побрзо опоравување на повредените.

Од „Осогово“- Планинарски спортски клуб Кочани велат дека изгубиле еден од нивните најмлади и најактивни членови.

„Ивона беше ведро дете, секогаш насмеана, зрачеше со позитивна енергија. Пасијата кон планината и беше фамилијарен код и беше дел од многу наши планинарски акции.

Таа ги искачи сите наши највисоки врвови во Македонија, како и неколку највисоки врвови на Балканот. Ќе ја паметиме како дел од нашето планинарско семејство, како дете кое секој ќе посакаше до го има и не постојат зборови кои можат да ја опишат нашата тага и жал за оваа огромна загуба.

Искрено сочувство до семејството, до Тошо и Стојка, нашите колеги планинари и другари, да се крепат во овие тешки мигови за нив. Ние како клуб и нивни другари им порачуваме дека не се сами во оваа болка и дека споделената тага значи и помала тага. Ивона, ангелите горе добија уште еден ангел со нив“. 

Поврзани вести