
Најуспешната македонска тенисерка Лина Ѓорческа го заврши настапот на фјучерсот во Загреб, откако попладнево загуби во воведното коло од осмата носителка Селена Јаничијевиќ од Франција со 2-0 во сетови (6-3, 6-3).
На стартот од дуелот, Ѓорческа направи брејк за водство од 1:0, но противничката врати со серија од четири гема и ја зачува предноста до крајот за водство во сетови од 1-0.
Ѓорческа и дозволи брејк на француската тенисерка на стартот од вториот сет, но се врати резултатски за водство од 2-1 и 3-2. Сепак, уследи нова серија од четири гема со два брејка за француската тенисерка која и вториот сет го доби со 6:3 во гемови и избори пласман во четвртфиналето.
Фјучерсот во Загреб се игра за награден фонд од 60.000 долари.