
По долга и тешка болест, денеска почина кошаркарската тренерска легенда, Србинот Душко Вујошевиќ.
Денеска новинарот Петар Пеца Поповиќ ја потврди информацијата дека Вујошевиќ утринава починал.
Смрта на Вујошевиќ ми ја потврди докторот кој што го лечеше. Јас сум звездаш кој што го сакаше Душко Вујошевиќ. Голема загуба за нашиот спорт. Тоа беше човек со став. Кој што работеше од срце, и кој што до крајот остана предан пријател– напиша Поповиќ
Цели 40 години траеше тренерската кариера на Вујошевиќ, а главен печат му беше работењето во Партизан. Тој е еден од оние кои дозволија Американецот Бо Мекејлеб да добие македонско државјанство. Во таа 2010 година, Вујошевиќ го тренираше Мекејлеб во Партизан, а беше и селектор на Црна Гора. Црногорците се интересираа да го донесат Мекејлеб да игра за Црна Гора, но Вујошевиќ сепак се откажа од таа идеја, па Бо стана Македонец и клучен играч за историскиот успех на Македонија на Европското првенство во 2011 година.
Меѓу многуте успеси на Вујошевиќ ќе издвоиме дека 12 пати беше државен првак со својот тим во Југославија, Србија и Црна Гора и Србија, петпати ја освојуваше АБА-лигата, а во 2009 година беше прогласен за најдобар тренер во Евролигата.
Последниот тренерски ангажман го имаше во романскиот Клуж, од каде што си замина во 2021 година.

Македонски


