
Македонскиот првак Вардар загуби вечерва во Скопје од фински Купс со 2-0 во првиот натпревар од воведното коло во квалификациите во Лигата на шампиони.
Финскиот шампион заслужено дојде до победата на Националната арена „Тодор Проески“ со головите на Магаса (45) и Армах (49), оставајќи му само теоретски шанси на Вардар дека може да ја надомести негативата на реваншот по една недела во Куопио.
Првото полувреме донесе претпазлива игра на двете страни со мал број шанси за гол. Првиот обид кон противничкиот гол го имаше Вардар во 16 минута, но ударот на Захариќ од работ на шеснаесетникот заврши над голот. Само три минути подоцна возврати Купс, кога ударот на Енгвали голманот Талески со крајни напори го одбрани, а одбиената топка Матиќ ја исфрли од гол линија.
Водството на Купс дојде во последната минута од првото полувреме кога дефанзивецот Магаса со прецизен удар го совлада Талески по изведениот корнер.
Само четири минути откако почна второто полувреме, Купс го удвои водството со голот Армах, кој со прецизен удар откосо го совлада Талески.
Вардар најзрелата шанса во продолжението ја имаше во 73 минута, но ударот на Николов од непосредна близина заврши сантиметри покрај левата статива.
Надежите дека Вардар може резултатски да се врати во игра спласнаа во 76 минута кога Босанчиќ беше исклучен поради два жолти картони, само шест минути откако влезе на теренот од клупата за резерви.

Македонски



