Skip to main content

Oткако и одзедоа бодови Воска се повлече од Првата лига

Фудбалскиот клуб Воска Спорт соопшти попладнево дека се повлекува од натпреварувањето во Првата македонска фудбалска лига на пет кола до крајот на сезоната.

Одлуката доаѓа ден откако Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја казни Воска за повлекувањето од теренот на дуелот против Вардар во минатото коло, одземајќи му девет бодови.

Воедно, Воска беше казнета и со глоба од 7.500 евра, додека клупскиот претседател Нефи Усеини и тренерот Арбри Клодиан добија двегодишна суспензија.

Воска, која по одлуката на ФФМ е последнопласирана на табелата со 11 бодови помалку од Брера на 10. и Беса на 11. место, до крајот на првенството требаше да игра домашни натпревари Тиквеш и Шкупи, како и гостински дуели против Брера, Пелистер и Беса.