
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, е именуван за член на Олимпискиот фудбалски комитет на ФИФА, едно од најпрестижните тела во рамките на светската фудбалска организација.
Овој комитет, кој функционира под покровителство на Советот на ФИФА, има клучна улога во развојот и координацијата на фудбалот во рамки на Олимписките игри, како и во унапредувањето на соработката меѓу ФИФА и Меѓународниот олимписки комитет (МОК).
„Задоволство и привилегија е да споделам дека сум именуван за член на Олимпискиот фудбалски комитет на ФИФА. Горд сум што ќе бидам дел од група на истакнати фудбалски претставници од целиот свет и што ќе имам можност да го претставувам македонскиот фудбал на највисоко меѓународно ниво,“ изјави Омерагиќ.
Со ова именување, Македонија добива свој претставник во телото што ја координира интеграцијата на фудбалот во олимпиското движење, што претставува значајно признание за македонскиот спорт и за Фудбалската федерација на Македонија.

Македонски








