
Одбројувањето до првиот солистички концерт насловен „Бесмртна“ влегува во својата највозбудлива фаза, а Бојана Скендеровски ја изненадува публиката со сосема нова песна – „Нема, нема“, која уште со првото слушање внесува свежина и современ дух во нејзиниот репертоар.
Последниве недели Бојана живее во ритамот на подготовките за големата вечер – сала, студио, проби, последни финеси – секој ден носи нов предизвик и нова емоција. Во таа креативна возбуда се роди и новата нумера, модерна, поразлична и искрено наративна, создадена како музички подарок за публиката токму пред концертот.
„Сакав на публиката да ѝ понудам нешто ново, едно мало освежување пред мојот концерт и во празничниот период кој следува“, вели Бојана. „Нема, нема“ го носи токму тој момент – топла, модерна емоција и почеток на едно ново поглавје во нејзиниот уметнички развој.
Композицијата е со музика и аранжман на Никола Мицевски и текст на Борче Нечовски, а снимена и миксана во студио XL Момироски, и претставува природен, храбар чекор напред во зрелоста на Бојана. Со современ звук, нежна но силна емоционалност и препознатлив вокален печат, песната го отвора патот кон нов, возбудлив правец во нејзината музика.
А токму еден таков голем исчекор е и концертот „Бесмртна“ закажан на 13 декември со почеток во 20:00 часот, вечер која веќе се најавува како длабоко емотивно патување низ песни што оставаат трага, чувства што се паметат и моменти што се доживуваат со цело срце.
Билетите се веќе во ограничен број и достапни преку продажната мрежа на kupikarta.com, по цена од 800 и 1000 денари.
„Нема, нема“, со видео продукција на Скендеровски продукција – 2025, е повеќе од нова песна, таа е предвесник на она што публиката ќе го доживее во Филхармонија. Модерна, освежувачка, емотивна… бесмртна, токму како и вечерта што следува.

Македонски







