Skip to main content

Зборуе Радио Скопје: Стотројка за 81 година Македонско радио

„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“ се зборовите со кои Владо Малески, писател и борец во НОВ, го означи почетокот на работата на Македонското радио. Првите зборови прозвучија во етерот на 28 декември, 1944 година, за време на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ.

Во недела, на 28 декември, се навршува 81 година од основањето на Македонското радио. По тој повод, Канал 103 ќе реализира целодневна програмска посвета со наслов „Зборуе Радио Скопје“.

Отворената програма ќе ја поврзе радио архивата со современите, експериментални пракси и новите генерации автори, со посебен акцент на разновидноста на гласови и формати.

Свои настапи во живо ќе имаат Член 16, alone in a crowded room и Александар Ордев.

Во соработка со Радио МОФ и Моно-тон ќе биде направен пресек на македонските музички изданија објавени во 2025 година.

Програмата почнува во 13 часот и ќе трае до полноќ. Истата ќе се емитува и на Cashmere Radio (Берлин), во рамки на тековната соработка меѓу двете партнерски радија, како и на ФИЈУК саемот на независно издаваштво.

Програмата може да се следи преку:
www.kanal103.com.mk и www.cashmereradio.com

Од 2019 година, Канал 103 работи без сопствена фреквенција, но и понатаму континуирано и посветено придонесува кон јавниот културен простор преку радио-продукција и поддршка на современата музичка и културна сцена.

Поврзани вести