Skip to main content

Роџер Санчез, Каролина, „Некст тајм“ главни ѕвезди на „Културно лето“ во Кисела Вода

Принтскрин

Под мотото „Сè на свое место“, Општина Кисела Вода ќе го одбележи 70 години од своето постоење со разновидна, содржајна и квалитетна програма,, креирана да допре до сите генерации. Годинава на програмата има изведувачи кои ќе настапат на три сцени: на платото пред салата „Расадник“, во Драчево кај крстот и во паркот „Македонија“ а ќе понудат разновидна програма за сите возрасти, за сите жители на Кисела Вода и за сите скопјани, како и од останатите градови низ земјава.

Главна атракција на програмата ќе биде Роџер Санчез, добитник на Греми, диџеј кој ги полни најголемите клубови и фестивали во светот. Со него ќе започне четиридневното одбележување. Ексклузивниот настап ќе се одржи в четврток, на 26 јуни со почеток во 20,30 часот, во салата „Расадник“. Атмосферата пред Санчез од 20:30 часот ќе загреваат диџеите Мац, Ампов и Деан Мицкоски.

Наредниот ден, петок, на крстот во Драчево, од 20:30 до 21:00 часот, посетителите ќе може да го проследат настапот на КУД „Китка“, потоа ќе следува забава со: Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Огнен Здравковски и Бојана Скендеровски, а на крај свој настап ќе има Каролина Гочева, кој ќе започне во 22:30 часот.

Дуото „Некст тајм“ ќе ги забавуваат посетителите в сабота, на платото пред салата „Расадник“, со почеток во 20:30 часот, а по него ќе настапат „Два бона“ и Слаткар. Недела, е предвиден како семеен ден, кога во 10:30 часот ќе започнат активностите на платото пред салата „Расадник“, а прославата ќе се заокружи со доза смеење, која ќе ја обезбедат стендап комичарите Бојан Велевски и Марјан Ѓорѓиевски, во 20:30 часот, а по нив ќе биде настапот на „Tea & 2EXIT“.

Низ настаните ќе водат четворица водители: Миро Кацаров, Сашко Коцев, актерката Драгана Левенска и водителката Верица Донев.

Поврзани вести