Skip to main content

Нова пролет за Стотројка

Канал 103 - Радио дом на културата

Во предвечерјето на 1 мај, Ден на трудот и 34-ти роденден Канал 103, ги поканува сите знајни и нејзнајни радио пријатели и поддржувачи, на дружба во интимните прегратки на Старата скопска чаршија, каде ќе имаме можност да уживаме во звуците на финскиот музички алхемичар Kadonnut Manner.

Kadonnut Manner е проект на Lauri Manner, уметничко име кое може да се преведе како „изгубениот континент“. Неговата музика е емотивно патување кое го спојува американскиот гитарски примитивизам со длабочината на блузот и суровата убавина на северот – наследство преточено во нешто сосема ново и лично.

Зад себе има богата 20-годишна музичка кариера како басист во повеќе панк бендови во матичната Финска (Out of Tune, Death by Snoo Snoo, Viimeinen Maailmansota) и повеќе од 400 настапи ширум Европа, гостувања на повеќе значајни панк, фолк и џез фестивали, и седум самостојни турнеи.

Вечерта музички ќе ја заокружат селекторите на Стотројка.

Препорачана донација: 200 денари

Претходната вечер (вторник, 29.04.2025) Kadonnut Manner ќе настапи во студиото на Канал 103, во рамки на радио серијалот „Ако никој не свири“.

Со оваа прослава на нашиот нов соларен круг започнува концертниот серијал „Нова пролет“, каде нè очекуваат настапи на повеќе странски и домашни бендови и музичари. До месец јуни ќе го исполниме нашиот град со нови звуци, идеи и средби. За следното музичко другарување, наскоро со повеќе информации. Борбата продолжува.