Skip to main content
EdQpgDaE2jc

Луна со „Ритуали“ го најави албумот „Атлас“ со 15 авторски песни

Македонската пејачка Луна официјално го започна најважното музичко поглавје во својата кариера. Со објавувањето на синглот „Ритуали“ и видеоспот за него, таа го најави својот прв студиски албум „Атлас“, кој содржи 15 песни и претставува најобемниот и најамбициозниот проект на младата артистка досега.

Иако на домашната сцена е присутна веќе неколку години и зад себе има повеќе музички изданија, „Атлас“ е првиот проект со кој Луна целосно го заокружува својот музички идентитет.

Албумот е создаван во соработка со продуцентот Лазар Цветкоски и претставува резултат на нивната заедничка работа во изминатиот период.

Искрено сум превозбудена што конечно ја споделувам музиката на која работев подолго време. Во албумот „Атлас“ има 15 песни. Секоја композиција е различна и носи своја емоција. Посебно е чувството кога си автор на своите песни. Оваа година имав чест да соработувам со имиња од нашата естрада кои неизмерно ги почитувам, како Лозано, Пајак, Антониа Гиговска и Александра Јанева. Во периодот што следува ќе слушате многу моја музика и искрено се надевам дека ќе ви се допадне. Ви благодарам за поддршката, вели Луна.

„Ритуали“, првата песна од албумот, од вчера е достапна на сите дигитални музички платформи и социјални мрежи. Паралелно со песната беше објавен и видеоспотот, во режија на Steady Flow, кој носи модерен визуелен пристап, а Луна во него се појавува во неколку впечатливи изданија.

„Атлас“ не е замислен како албум што ќе биде објавен одеднаш. Напротив, во периодот што следува Луна постепено ќе ги претставува и останатите песни, секоја со своја приказна и препознатлив печат. На тој начин, публиката ќе има можност чекор по чекор да го открива целиот албум.

Со овој проект, Луна најавува ново поглавје во својата кариера. „Атлас“ е проект во кој се вложени многу време, работа и емоции, а по „Ритуали“, во периодот што следува ќе бидат промовирани и останатите 14 композиции.

Поврзани вести