
Крајот на април во Кинотеката секоја година е резервиран за доделувањето на „Златниот објектив“. Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинешниот „Златен објектив“ му беше доделен на Владимир Самоиловски, кинематографер, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги режисери придонел во визуелизацијата на режисерските замисли.

Владимир Самоиловски е роден во Скопје, во 1953 година. Неговата кариера како филмски работник и професионален соработник на филм ја започнува во 1976 година кога се вработува во продуцентската куќа Вардар филм, најпрво како асистент снимател а подоцна и снимател-швенкер. Како асистент снимател соработува на филмовите „Пресуда“ (1977), „Дае“ ( 1979) „Оловна бригада“ (1980), „Време води“ (1980), додека како снимател работи на „Хај-Фај“ (1987)„Тетовирање“ (1991), „Ангели на отпад“ (1995), „Пред дождот“ (1994) а како директор на фотографија го раскрилува својот талент во филмовите: „Македонска сага“ (1993), „Светло сиво/Ѓавол во срцето“ (1993), „Часовник“ (1997), „Збогум на 20тиот век“ (1998), „Хофманова 13“ (2000), „Вета“ (2000), „Илузија“ (2004), „Остани исправен“ (2005), „Зад темнината“ (2007), „Мајки“ (2010)„Бардо“ (2012), „Враќање“(2015), „Џган/Амок“ (2016) „Амби“ (2017), “Северен пол“ (2021), „М“ , „Исчезнати“, “Убиј ги прво децата“ (2024). За работата на филмот „Македонска сага“ во 1993 година на ИФФК„Браќа манаки“ добива Бронзена камера 300 и награда Камера 300 за најдобар дебитант.
Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.
„Златниот објектив“ традиционално се доделува на 29-ти април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.
Оттаму, свеченото доделување на „Златниот објектив“ на доајенот Владимир Самоиловски се случи вчера, на 29 април, во во киносалата на Кинотеката каде се одбележа значајниот јубилеј- 50 години постоење на Кинотеката.

Македонски


