
„Инатиум. Ситна светлина надеж во бесконечниот темен универзум. Ова небесно-сино парче скапоцен камен беше причината за мир и благосостојба низ универзумот се до еден ужасен ден. Во сега веќе разрушено Скопје гледаме како вселенскиот брод константно го емитува светлечкиот сноп црвена плазма со цел да ја апсорбира енергијата од јадрото на планетата…“ – Вака звучи краток исечок од сценариото на првиот македонски Sci-fi (научнофантастичен) 30 минутен филм „Инатиум“ во режија на Игор Стојановски.
Се работи за многу динимичен проект со импресивни специјални ефекти, чијашто премиера е најавена за оваа година. Филмот е во изработка на Старфал Филм Академија и Старфал Продукција. Сценариото е напишано од Кристијан Поповски, прв асисент на режија е Бојан Јуруковски, а режисер на сет е Гоце Цветановски.
Филмот ја раскажува вечната Битка помеѓу доброто и злото. Тоа е приказна за истрајноста, одлучноста како и надежта на протагонистите да се спротистават на негативните сили. Во универзум на работ од уништување, древниот кристал Инатиум е клучот за спас.
„’Инатиум’ ги спојува зачудувачките визуелни ефекти со моќна приказна. Од динамичниот дизајн на ликови до сложеното создавање на светот, секој детал е дизајниран за да остави траен впечаток. Нашиот тим од индустриски експерти, поддржан од години практично искуство, го оживеа ова визионерско дело претворајќи ја нашата страст за дигитално филмско творештво во незаборавно патување за публиката“, изјави режисерот Стојановски, кој е и продуцент на филмот.
Главните улоги на суперхерои кои се борат со злото ги играат Сашко Коцев и Бојана Нушкова, за кои Стојановски вели дека одлично ја завршиле својата работа.
„Сашко Коцев, нашиот етаблиран актер со своето искуство и вештина во актерската игра ја доловува приказната на специфичен начин, а талентираната Бојана Нушкова со својот професионален пристап, иако дебитант во улогата на главен актер покажа сериозен актерски потенцијал“, рече Стојановски, откривајќи дека дејствието на филмот се одвива на градскиот плоштад во Скопје, што на оваа дело му дава дополнителна специфичност и чувство на патриотизам и припадност кон родната земја.