Во Битола утре и задутре се одржува Петтиот Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО со фокус на одржливост и еко-практики.
Програмата почнува утревечер во 20.30 часот во киното „Манаки“ со проекција на краткиот филм „Куќа од песок“ во режија на Павел Вишомирски. Главната програма е во петок (6 декември) во Офицерски дом каде со почеток од 10 часот ќе има воведни зборови и претставување на високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО. Потоа ќе следи панел-дискусија на тема „Одржливост во филмската и креативната индустрија кон изградба на одржливи градови“, со учество на меѓународни панелисти, презентации на добри практики преку искуства и примери од градовите членки на УНЕСКО, меѓу кои и повеќе домашни претставници. Вечерта од 19 часот ќе има неколку проекции на кратки и играни филмови со фокус на одржливост и еко-продукција од градовите-членки на мрежата.
Форумот ќе собере значајни претставници од меѓународната сцена, вклучително и гости од Тераса, Потсдам, Сараево, Голвеј, Лоѓ, Ваљадолид и Софија. На форумот ќе се обратат Лејла Беслагиќ, Инес Радиќ и Магдалена Поповиќ од Сараево, Зоја Таревска-Петрушевска од Центар за филм Битола, Брајан Берет и Ион Батлер Тортон од Голвеј, Жорди Хернандез Прат од Тераса (Шпанија), Филип Гжендовски од Лоѓ (Полска), Корина Гутше од Потсдам (Германија), Лорето Ареналес од Ваљадолид (Шпанија), Дијана Андреева – Попјорданова од Софија, Дамјана Патчева од Кинотеката, Марија Џиџева, режисерка, Огнен Антов, продуцент и Менче Хаџи-Коста Милевска од Центарот за култура Битола.
Се очекува форумот да поттикне размена на идеи и најдобри практики меѓу градовите членки на мрежата, со фокус на еколошки одговорна продукција во аудиовизуелниот сектор, да се воспостават нови соработки и да се разгледа можноста за потпишување меморандуми за соработка меѓу градовите. Заклучоците од Форумот ќе служат како основа за идни политики и платформи за поддршка на локалниот аудиовизуелен сектор.