Во Кинотеката на Македонија, синоќа се одржа промоција на книгата „Гледна точка“ на авторот Јани Бојаџи, македонски режисер, продуцент и сценарист.
Станува збор за книга која не е само стручен труд и не е само учебник за студенти по филм и телевизија, туку е и белетристика. Тоа е книга која може да ја прочита секој љубител на филмот. Во суштина „Гледна точка“ раскажува за работите кои се случуваат зад камерата. На публиката која не е дел на телевизиската и филмската индустрија ќе им биде интересно „како се подговуваат доматите кои ние потоа ги јадеме“, вели Бојаџи.
Водител на настанот беше Александар Русјаков, искуства споделија и неколку актери, директори на фотографија, монтажери, соработници на Бојаџи, а присутните имаа можност ексклузивно да го погледнат трејлерот од новиот проект „Утре наутро“.
„Утре наутро“ се всушност два проекти. Едниот е игран филм кој е изведен од самата серија. Филмот е готов, во моментов се дотеруваат звук, слика, графички дизајн и за десеттина дена филмот ќе биде спакуван. Ниа сакаме да му ја пробаме среќата на филмот на фестивали и очекуваме некаде доцна пролет или почетокот на летото да има фестивалска премиера, а потоа да се прикажува низ кино салите во Македонија. На есен публиката ќе има можност да погледне речиси шест часа играна серија во пет или шест епизоди. Станува збор за современа, социјална, политичка драма која започнува со настаните на 27 април, вели Бојаџи.
Јани Бојаџи е познат македонски режисер, продуцент и сценарист, кој зад себе има повеќе од филмски и телевизиски проекти. Тој е и директор на фестивалот „Преку езерото“, кој се одржува еднаш годишно во Дојран од 2023 година.
Пишувањето на „Гледна точка“ ми беше задоволство, напишана е со љубов, многу посветеност и многу труд затоа што во принцип „Гледна точка“ е научно дело. Станува збор за книга настаната од десеттина научни трудови кои сум ги објавувал во последните десеттина години. Еден труд е објавен на Универзитетот „Еуропа Прима“, а сите останати се објавени во странство. Еден поголем дел, всушност плотот на книгата, практично е мојата докторска дисертација. Книгата од научен аспект го обработува проблемот на кинематографијата, на филмот, поточно на режисерот како генератор на сите проблеми во уметноста на филмот. Но, во краен смисол книгата за издавање ја адаптирав да биде на ниво на белетристика за да може да ја чита не само читател кој е инволвиран во уметноста, не само во уметноста на филмот, туку и најобичен читател. Внатре во книгата има стотици цитати на многу познати филмски дела и на многу познати филмски автори, истакна авторот.
Автор на рецензијата на книгата е д-р Атанас Чупоски, кој меѓу другото подвлекува дека „книгата „Гледна точка“ навидум зборува за работи за кои зборуваат, повеќе или помалку, на овој или оној начин, и сите многубројни учебници по режија и слични прирачници: основите на филмската режија, работата на режисерот, соработката со кинематограферот, со продуцентите, актерите итн.“
Но, она што ја прави оваа книга посебна, специфична, е тоа што таа е сосема лично видување на авторот на сите овие процеси, кое произлегува од неговото образование и досегашното работно искуство на филмот и телевизијата. Оттаму, и јазикот на книгата е искрен, отворен и авторот без задршки, храбро, анализира многубројни теми кои влегуваат во неговиот фокус, изнесувајќи сосема лични ставови и констатации. Оттаму, не случајно и книгата завршува со ставот на авторот: „Ова е мојата гледна точка!“ – напиша д-р Атанас Чупоски во својата рецензија на книгата.