Skip to main content

„Јон Вардар против Галаксијата“ прикажан на филмскиот фестивал во Буенос Аирес

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ деновиве е прикажан на 26. Филмски фестивал БАФИЦИ во Буенос Аирес, Аргентина (Buenos Aires International Festival of Independent Cinema).

На трите проекции на филмот присуствувал и режисерот Гоце Цветановски кој пред публиката зборувал за долгогодишното креирање на филмот, за предизвиците и честа да се биде дел од еден од водечките фестивали за независен филм во светот.

Проекциите во Буенос Аирес завршија со многу интересни средби и се радувам на секој еден разговор за овој филм. Ова е дестинација на која повторно би сакал да се вратам со следниот проект, а работите веќе се движат во таа насока, вели Цветановски.

Како што соопштува Цветановски, филмот пред публиката го претставил директорот на фестивалот БАФИЦИ, Хавиер Порта Фоуз, кој рекол дека „првпат филм од Македонија е дел од овој фестивал“ и оти предизвик бил преводот „оти во Аргентина живеат само 12 Македонци“.

Претходно, од фестивалот за филмот напишаа: „Анимиран долгометражен филм од Македонија не е нешто што се гледа секој ден, но шармот на John Vardar vs. the Galaxy е далеку од тоа да биде само географски куриозитет. Оваа визуелна лудорија – со своите интергалактички авантури што наликуваат на халуцинација, откачени вонземјани и хумор со висока концентрација – се истакнува со рокерска дрскост и заразна комичност. Филмот е како црна дупка што го вовлекува гледачот во својот хаотичен универзум, каде секое чудовиште е повик на бегство од нормалното и прослава на лудото и необичното, информира режисерот за одгласите за филмот по прикажувањето во аргентинската престолнина.

Поврзани вести