
Германската возбудлива и забавна семејна комедија, „Хаотичните сестри и пингвинот Пол“ на режисерот Мајк Марцук од денеска се прикажува на големите екрани низ републиката. Филмот се прикажува во Кинотека во Скопје и кино „Манаки“ во Битола во терминот од 18 часот и во Центар за култура Битола (мала сала) од 19 часот. Филмот од денеска до идната среда е на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје, и тоа, работни денови во 18 часот, викенд во 16 часот.
Станува збор за приказна полна со хаос, смеа и еден посебен пингвин.Што се случува кога хаосот ќе се пресели во вашиот дом? Во семејството Мартини, четирите сосема различни сестри – Ливи, Теса, Малеа и Кени – ќе се соочат со авантура што ќе ги натера да ги здружат силите кога ќе го најдат пингвинот Пол кој мистериозно избегал од киднапери. Во обид да го спасат пингвинот Пол од двојката злобни магионичари, Мери и Марк, сестрите ќе мора да соработуваат како никогаш досега! Ќе успеат ли хаотичните сестри да го спасат пингвинот пред да биде предоцна?
Филмот „Хаотичните сестри и пингвинот Пол“ е адаптација на популарната книга „Die Chaosschwestern“ на Дагмар Х. Милер и ги носи познатите ликови на големото платно со неверојатна доза забава и емотивни моменти.