Skip to main content

Фестивалот „Прво па женско #13“ почнува со филмската програма „Воспоставување врски“

Во рамки на тринаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, Тиииит! Инк. во соработка со „Kino Unseen“ од Загреб организира дводневна филмска програма со наслов „Воспоставување врски: кино клубовите и феминистичките пристапи кон подвижните слики“, која ќе се одржи на 30 и 31 мај, со почеток во 19:30 часот, во киното на Железничката зграда.

Програмата е курирана од Карла Црнчевиќ, една од основачките на „Kino Unseen“ како дел од нивната регионална програма „Bridging“.

„Во две филмски вечери, во киното на Железничката зграда во Скопје заедно ќе го слушнеме ехото на киноклубовите и алтернативните филмски мрежи – од Југославија до Куба, од минатото до денес, и ќе отвориме прашања за инфраструктурата, продукцијата и пристапот до филмската уметност за работничката класа, но и за улогата на жените во овие алтернативни филмски мрежи – и тогаш и сега“, истакнуваат од „Прво па женско“.

Првата вечер го носи гласот од Куба преку колективот Диви архивист(к)и (Archivistas Salvajes), кои го истражуваат невидливото – нехегемонско и маргинализирано кубанско визуелно наследство.

„Нивната селекција на кратки филмови што ќе имаме можност да ја проследиме го открива патот на неколку режисерки во градењето и негувањето на својот творечки простор во историјата на кубанската кинематографија – миговен, фрагментарен, но сепак значаен и влијателен“, раскажуваат организаторите на фестивалот.

Втората вечер го отвора прашањето за позицијата на жените во југословенските киноклубови.

„Преку примерот на творештвото на неколку авторки од киноклубовите во Загреб и Сплит, чии филмови ќе имаме можност да ги видиме, и разговор со филмскиот истражувач Сима Кокотовиќ, ќе го допреме прашањето за минатото, сегашноста и можната иднина на киноклубовите во нашиот (отсекогаш) заеднички културен простор“, додаваат оттаму.

„Прво па женско“ ги повикува граѓаните да се придружат во борбата за зачувување на отворениот, заеднички и слободен културен простор „во овој свет што се распаѓа“.

Влезот за настанот е слободен.

Програмата на фестивалот во Киното на Железничката зграда во Скопје се реализира во соработка со организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ).

Поврзани вести