
На втората вечер, во петокот, од филмскиот фестивал „Преку езерото“, што се одржува во Дојран, беше прикажан филмот „Дневникот на машиновозачот“ во режија на Милош Радовиќ, во чест на лауреатот на наградата „Мето Јовановски“, Лазар Ристовски.
Публиката беше одушевена од драмата со примеси на комедија , што ја третира темата на машиновозачите и траумата што ја имаат поради неизбежната појава на прегазување на луѓе на железничките пруги. По проекцијата на филмот публиката беше дел од сесијата на прашања, а актерот Ристовски со задоволство одговараше на љубопитната публика.

Мојот татко беше железничар, а на Милош дедо му бил машиновозач и имавме ‘педигре’ и предзнаење. Во Србија е направен документарен филм за оваа проблематика. На секој машиновозач му се случува тоа ‘прегазување и тоа се трауматични работи што ги доживуваат. Машиновозачот треба да почне да кочи 700 метри пред да застане. Пред некоја година филмот се прикажуваше во Хаг и публиката поставуваше многу прашања. Отпосле сфативме дека половина сала биле машиновозачи. А токму во тој град најголема е смртноста од фрлање под воз. Токму во денот кога требаше да летаме назад во Србија, имаше незгода – некој се фрлил под воз“, раскажа Ристовски.
Еден од најголемите предизвици при создавањето на оваа улога за него било фактот дека требало да игра резигниран лик, несреќен и очаен.
Наградата „Мето Јовановски“ ќе му биде врачена на Ристовски вечерва во 20 часот. Потоа ќе бидат презентирани победниците од ланската програма за развој и продукција на студентски и дебитантски филмови. Од официјалната програма ќе биде прикажан хрватскиот филм „Кога завршува летото“ во режија на Данис Тановиќ.