
Две категории гласачи кои обично не ги поддржуваат републиканците му ја донесоа победата на Трамп на изборите во 2024та година – Латиноамериканците и младите гласачи. Кај Латиносите веќе има јасни показатели дека губат ентузијазам за Трамп поради масовните депортирања на илегалци од државата. А сега, со војната против Иран, Трамп им покажа среден прст и на младите гласачи.
Можеби е непримерно да почнувам колумна за војната со политичките последици во САД, додека низ Иран гинат деца, граѓаните на Техеран дишат отровен воздух, а светот остана без главниот извор на нафта. Но, навистина не знаеме што и колку од оружјето на двете страни се уште им е употребливо и колку долго можат да издржат ваков вид на пресметка. Сериозно прашање е дали и самиот Трамп ја обсмислил работава до крај, и дали е на чисто со техничките способности на неговите воени сили да го отворат теснецот кон Персискиот Залив, и за капацитетите на противракетните системи на САД и Израел да се справат со иранските проектили и дронови, па затоа е бесмислено ние тука да нагаѓаме – дали може да се пренесе доволно нафта преку нафтоводите до Црвеното Море? Дали потоа Иран ќе се обиде да го блокира и Суецкиот Канал? Дали САД има ефикасни средства за разминирање на Ормузскиот Теснец? Тоа се прашања на кои наскоро ќе добиеме одговор.
Но, тоа што можеме да го коментираме е како Американците ќе реагираат на екскурзијата на нивниот претседател (кабинетот на Трамп очигледно му предложил да го користи изразот упад – incursion на англиски – место војна, но Доналдот веројатно го побркал овој израз со зборот екскурзија). А од реакцијата на американската јавност ќе зависи дали Трамп ќе добие шанса да го продолжи амбициозниот политички проект кој го започна – проект на кој голем дел од светот – па и ние – полагаме доста надежи, или останатите година-две од мандатот ќе ти потроши на воени авантури низ Блискиот Исток.
Од една страна, Трамп и во кампањата и во минатото најавуваше дека нема да му дозволи на Иран да развие нуклеарно оружје. Во својот прв мандат тој го раскина договорот што Обама го постина со Иран и го уби легендарниот ирански генерал Касем Сулејмани (за што Иран му се закани со атентат). Но во исто време Трамп водеше и сериозна војна против Исламската Држава – со што им помогна на про-иранските сили во регионот да дојдат до својата најголема територијална експанзија – нивниот вазал Асад се зацврсти на власт во Сирија, про-иранските шиитски партии ја засилија власта и во Ирак, а секако имаа контрола врз Хезболах во Либан и добар дел од Јемен. Оттаму, вториот мандат на Трамп не значеше со сигурност дека САД ќе тргнат во пресметка со Иран.
Во исто време, повеќе значајни членови на кабинетот на Трамп – предводени од потпретседателот Џеј Ди Венс – јасно и недвосмислено порачуваа дека фокусот на Трамп ќе биде на домашните политички приоритети – депортирањето илегалци и економијата, а ако прави нешто на геополитички план, тоа ќе биде во западната хемисфера, каде што е логично дека САД треба да имаат примат. Во однос на војните надвор од западната полутопка кои Трамп ги наследи (Украина и Газа), Белата куќа ветуваше дека фокусот ќе и биде на нивно запирање, а не разгорување. Трамп дури формираше и Одбор за мир, вложи неколку сериозни обиди во однос на Украина и практично издејствува прекин на огнот и на деструкцијата на Газа. Воената интервенција во Иран во летото 2025та година претседателот ја претстави како еднократен удар, да се смират стравувањата на Израел, па дури јавно пренесе дека со Иранците се договорале како да ракетираат некоја празна американска воена база во регионот за да ја смират домашната јавност дека ете, сепак некако им вратиле на Големиот и Малиот Сотона – како што во Иран се нарекуваат САД и Израел.
Но оваа втора војна на Трамп против Иран во рок од нецела година е нешто сосем поинакво. Уште на првиот ден Трамп и Нетанијаху го ликвидираа иранскиот ајатолах, голем дел од неговото семејство, а дел од нападите завршија во цивилни цели меѓу кои и во училиште полно со девојчиња. Иран одговори со напади врз арапските држави кои ги помагаат американско-израелските напади, и го блокираше извозот на нафта од Персискиот Залив што, ако потрае, гарантира длабока светска економска криза.
Трамп војната ја водеше од неговиот клуб во Флорида. Во Вашингтон беа собрани политичарите од неговиот тим кои се многу по-скептични кон идејата вториот мандат на Трамп да се потроши на војна на Блискиот Исток. Потпретседателот Џеј Ди Венс, кој планира да се кандидира на претседателските избори во 2028 година, почетокот на воените напади го следеше заедно со директорката за разузнавање Тулси Габард – двајцата се ветерани и двајцата беа силни противници на идејата на нови војни против исламскиот свет. Двајцата, заедно со претседателот Трамп, беа присутни и на приемот на телата на првите половина дузина американски војници кои беа убиени во ирански ракетен напад – наскоро треба да се организира уште една таква церемонија за пилотите од урнатиот танкер-авион, а се стравува дека и тие нема да бидат последните Американци кои ќе загинат во војната. Овие сцени – пречек на ковчези прекриени со американско знаме откако САД почнаа уште една војна за нафта – масовно се споделуваат во десничарските кругови кои се против војната, додека анкетите покажуваат драматичен пад на популарноста на Трамп и Венс. Најсериозниот противкандидат на Венс за претседателските избори во 2028мата – гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом – уште на првиот ден на војната се претстави како кандидат кој ќе му каже не на Израел и ќе го скроти влијанието на оваа држава врз американската надворешна политика.
Но дотогаш САД ќе одржат уште еден изборен циклус – во ноември се гласа за Конгресот. Пред војната, анкетите покажуваа дека републиканците на Трамп ќе го задржат Сенатот, но веројатно ќе го загубат Претставничкиот Дом, поради што фокусот на Републиканската Партија беше (или требаше да биде) на депортирање на илегалци и усвојување на закон со кој ќе се спречи гласање на мигранти кои не се државјани на САД (се смета дека Демократската Партија има разработени шеми за гласање на мигранти со чија помош успева да ги надгласа републиканците во низа клучни држави). Прекуноќ, оваа политичка стратегија потона во вода и наместо да се сконцентрираат на зацврстување на власта на домашен терен, републиканските кандидати се мораат да одат на емисиите и подкастите на нивните доскорешни поддржувачи и да се правдаат за војната. Од подкастите на Џо Роган и Такер Карлсон до стримовите на Ник Фуентес, на најгледаните емисии се поставува прашањето за врските на Трамп со богатите израелски лобисти како што е Миријам Еделсон, медиумската експанзија на Лери Елисон кој не крие дека сака да наметне про-израелска програма на Си-Би-Ес, Си-Ен-Ен и Тикток и, секако, за листата на Епстин и обвинувањата дека таа се користела за уцена на Трамп и други американски политичари. Дури и ако републиканците го спасат Сенатот, победа на демократите во Претставничкиот Дом во ноември значи дека претстојните две години од мандатот на Трамп ќе бидат поминати во процеси за негово отповикување и сослушувања на неговите министри.
Трамп ја почна војната со повик до Иранците да се кренат на бунт за да се воведе демократија – проект кој предизвика толку многу крвопролевање во Ирак што како идеја е веќе целосно дискредитиран во САД. Потоа, САД и Израел најавија дека ќе вооружуваат етнички малцинства во Иран со цел да направат граѓанска војна во земјата. Потоа Трамп повеќе пати кажа дека е подготвен да работи со иранскиот режим доколку се најде некој кооперативен имам (по примерот на потпретседателката на Венецуела).
Во последното интервју (со Џејк Пол божемепрости) Трамп го посочи кршењето на правата на хомосексуалците во Иран. Со ова делува како човек кој почнал војна, а потоа седнал да бара причина за тоа што го направи.
Републиканците имаа чиста ситуација. Поделбата по прашањето на Израел беше пред се кај левицата – нападот на Хамас врз Израел и најголемите ужаси во Газа кои следеа се случија во мандатот на Бајден. Еврејското гласачко тело во САД е клучно за демократите, не за републиканците, а исто така на демократите им се многу повеќе потребни младите гласачи кои бараа итен прекин на војната во Газа. Па така, ова прашање го подели демократското гласачко тело и му помогна на Трамп да дојде на власт. И за воља на вистината, Трамп ја запре војната во Газа, израелските напади врз Палестинците горе-долу престанаа, а Палестинците ги вратија преживеаните израелски заложници и телата на убиените. Прашањето беше затворено – пред Трамп да реши повторно да го отвори на половина година пред избори, и да ја префрли политичката поделба што им нанесе толку штета на демократите во кругот на републиканската политика. На Трамп сега му треба чудо – војната заврши со брза, а неспорна негова победа во наредните неколку недели, пред да почнеме да го чувствуваме ударот на оваа нова нафтена криза и пред да се зголеми бројот на загинати американски војници. Во спротивно, неговиот цел политички проект може да се смета за завршен.

Македонски

