Ристо Никовски

Живееме во турболентни (не)времиња. По распадот на СССР, сите мислеа дека настапува долг период на општа безбедност, меѓународна соработка и развој. Фукујама гледаше дури и некаков крај на историјата. Ништо од сето тоа. Прашање е само дали војните по распадот на Југославија, беа зачетникот на распадот на светската идила, за некаква коегзистенција? Чекор, по чекор, светот почна да оди прудолу и никој не се ни обидуваше тоа да го спречи. Напротив, се појавија сили чии интереси тоа го стимулираа и, со погрешни одлуки, само ја зголемуваа брзината на заедничко пропаѓање.

Причините се бројни ама не е спорно дека главни се интересите на единствената светска сила, униполарна, која се соочи со забрзано губење на својата водечка и доминантна позиција. Тоа резултираше во нивни потези да се спречат негативните тенденции и процеси а тоа, очигледно, сите заедно нѐ води кон амбисот. И на Балканот, сосема погрешно, играат на картата на еден народ, присутен во повеќе држави. Засега, меѓу најголемите жртва е Македонија.

Но, веднаш да ја неутрализираме општата загриженост – трета светска војна, сепак – нема да има. Тоа може да се тврди со максимална сигурност. Така е благодарејќи на – нуклеарното оружје! Тоа е најголемиот светски парадокс. Најстрашното, најрушително и најубиствено оружје, коешто го измислил човекот, гарантира дека до општа катастрофа, или нова светска војна – нема да дојде. Токму затоа. Ако започне таква војна, неизбежно ќе биде – нуклеарна, и нема никој да преживее. Нуклеарките, се’ уништуваат!

Ако е така, а така е, неспорен е заклучокот дека никој, ама баш никој, нема да се осмели да започне нуклеарна војна. Прв ќе биде воено – индустрискиот сектор на САД, докажан воен провокатор, свесен дека тие ќе бидат приоритетна мета на противникот. Опасноста од погрешни одлуки не може да се исклучи ама, сепак, ризикот е мал. На локален план, можен е редок исклучок, ама без поголеми последици.

Информациите коишто сега ги добиваме (11/2024), не говорат баш така. Читаме дека скандинавските држави, и не само тие, дистрибуираат книшки со упатства како народот да се подготви за – војна! Или, се праќаат пораки дека треба да се обноват воените скривници, коишто беа заборавени… А, судирот во Украина станува се’ пожесток.

И, како да останеш смирен во таква ситуација? Деновиве, можеби точно по овој повод, некој мудро заклучи – тоа што го прави диктатурата во некои земји, во другите, таканаречени демократски, истото го прави пропагандата. Се наметнува нечија волја, де, ама – „доброволно“. Ова, околу резервите во храна, е класичен таков случај. Ќе прашате – а зошто се прави тоа? Одговорот е многу прост.

Прво, откако започна војната во Украина, речиси сите европски држави, ама и многу други, се соочуваат со нагласени економски проблеми. Најголемата, Германија, со можеби најсериозни. Главна причина – нема евтини нафта и гас, од Русија. Затоа, владите го плашат народот и го тераат да трупа резерви. Така, се зголемува потрошувачката, се раздвижува економијата… И, се’ на сметка на граѓаните. По година, две продуктите ќе бидат неупотребливи и ќе се фрлат.

Второ, психозата од можна светска војна треба да ги сплоти американските сојузници, особено тие во НАТО, дека во прашање е општа опасност и нема место за бегање од јатото. А гледаме, дилемите се се’ почести. Како последица на војната, почнаа да паѓаат и влади во Европа.

Трета, исто така важна цел на оваа опасна пропаганда, е создавање на додатна омраза кон Русија. Москва е, нели, причината за сите овие страдања на народите ширум светот.

Истата таа нивна пропаганда, меѓутоа, никому не објасни дека на почетокот на 1990-тите години, по распадот на СССР, Москва дозволи обединување на Германија, кога за возврат и беше официјално ветено, не само Џејмс Бејкер на Михаил Горбачов, туку и преку други канали, дека НАТО ни за метар нема да се шири кон границите на Русија. А, што се случи, сите знаеме. Тоа е период кога Москва беше заинтересирана за најблиска соработка со западните земји, вклучувајќи и со НАТО, ама беше грубо одбиена.

Трпението се распадна кога прстот се впери во Украина, претходно и во Грузија, со намера ракетите на НАТО да се постават на руските граници. Апелите на Москва тоа да не се прави, се игнорираа; во Киев беше извршен класичен државен пуч од страна на ЦИА и други слични служби; и, се’ тргна прудолу. Неспорен режисер беше „демократскиот Запад“. Во таква ситуација, објективно, Русија немаше друг избор. Ова не е оправдување за војната, ама причините мора да се знаат.

Ред е да потсетиме дека врвни американски мислители и аналитичари, почнувајќи од Чомски, Чосудовски, Сакс… прецизно оценија дека ако, евентуално, Русија се обидеше да отвори воени бази во Мексико или во Венецуела, САД ќе ја уништеше секоја од нив. Дури и Кисинџер јасно стави до знаење дека вина за војната во Украина носи и Вашингтон. Впрочем, сите се свесни – ова е војна на САД, слепо следени од НАТО, против Русија, а Украина е само колатерална жртва.

Во слична ситуација, во октомври 1962 година, кога САД открија дека на Куба се поставени советски ракети, Вашингтон го доведе светот до работ на нуклеарна војна. Случајот беше поопасен од овој, иако сега масовно се гине, бидејќи причина беа идеолошки разлики. Благодарејќи на Џон Кенеди и Никита Хрушчов, двајцата лидери, најстрашното беше избегнато. Логиката е проста – ако САД имаа право да ги бранат своите граници, истото го има сега и Русија.

Победата на Доналд Трамп, е надеж дека бесмислената војна во Украина ќе биде наскоро прекината. Само тоа да го направи Трамп за светот, особено за Европа, и веќе ќе го оправда новиот мандат. Во меѓувреме, претседателот Џо Бајден, очигледно под притисок на ткн. „длабока држава“, донесе крајно контроверзна одлука за користење на американски ракети за напади на руска територија. Дури и германскиот канцелар, Шолц, изјави дека тоа, практично, значи директно американско вклучување во војната!

Експерти оценуваат дека одлуката на Бајден личи и на некаков пуч, бидејќи се случува откако народот му ја скрати поддршката на изборите, а тој е и на крајот на мандатот. Дали тој се обидува да му ги врзе рацете на Трамп, во Украина?

Веќе сме констатирале дека основната разлика меѓу Трамп и „длабоката држава“, а тоа е традиционалната американската администрација, каде нагласена улога игра воениот комплекс, е што тие сакаат војни, а Трамп е против. Деновиве, во анализите на војната во Украина, претседателот на американскиот Конгрес, Мајк Џонсон, оценил – „80 проценти од трошоците за Украина се обновување на американското оружје и резерви. Тоа е навистина важна работа за нашата американска индустриска и одбранбена база“! Се разбира дека замената на старото оружје со ново значи и нови вработувања, ама јавноста не е доволно информирана.

Таквата вест секако би влијаела на американското јавно мислење ама тоа, од друга страна, ќе го урне угледот на САД во странство. Ќе се види кој и зошто ја води војната, каде е ќарот и, клучното, зошто нема никакви мировни обиди. Тоа би бил своевиден удар за сите европски држави и влади. Ќе стане очигледно дека оваа бесмислена војна може за некого да биде корисна, ама никако за Европа.

Конфронтацијата на Европа со Русија, којашто е очигледно подметната од туѓи интереси, е долгорочно катастрофална за „стариот континент“. Европа не може да биде ниту обединета, уште помалку просперитетна, а најмалку безбедна, без најширока соработка со Русија. По распадот на СССР, Москва не покажува империјални амбиции. Напротив.

Да заклучиме – трета светска нема да има, ниту е објективно можна. Барем во следните 10, 15… години. Неизвесноста, пак, во и околу Украина, ќе остане подолго време. Се чини дека САД и НАТО нема подиректно да се вклучат во војната, од ова што е сега, ама поразот е неизбежен. Прашање е на време.

Нема теоретски шанси за некаква украинска победа. Прашање е само кога Киев ќе го сфати тоа и ќе биде спремен да преговара. Да не беше странска алатка, Зеленски одамна ќе прекинеше со уништување на сопствената држава. Се сеќаваме каков беше Слободан Милошевиќ кој, меѓутоа, потпиша капитулација, кога виде дека Србија се уништува.

Пораз на Москва – никому не му одговара. Ниту на Вашингтон. Во таков случај, сѐ ќе биде можно ама, бидете сосема уверени, таква опција не постои.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.