
Прв сериозен тест на судството по смената на власта во Македонија беше судскиот процес за набавката на опасни, отровни нафтени деривати за горење во ТЕЦ Неготино и во јавни институции низ државата. На удар се најде компанијата Пуцко Петрол, која го доби тендерот, инаку тесно поврзана со ДУИ, и Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски. Зделката, склучена во енергетски кризните години по почетокот на војната во Украина, беше вредна над 160 милиони евра. Но, и покрај огромниот износ, политичките врски кои целиот случај го правеа пример за висока корупција на режимот на ДУИ и Заев, и отежителната околност дека профитот е направен со труење на граѓаните, судот сепак реши да прифати кауција во износ на еден 80-ти дел од вредноста на зделката, и да го пушти Јахоски да излезе од притвор. Не само што судот се согласи на ова, туку и обвинителството подаде рака, иако е јасно дека по 20 години на власт и со толку многу свртени пари, ДУИ и оваа особено моќна фамилија и тоа како имаат можност да влијаат на текот на истрагата. Нормално, неколку недели подоцна Јахоски се сликаа на Босфорот – имено судот решил дека е во ред на Асмир да му се дозволи да патува во странство, да не се чувствува клаустрофобично во загадената Македонија.
Ова е еден од поголемите случаи во кои новите власти, новото раководство во МВР, финансиската полиција и другите истражни органи, решија да удрат по највисоките кругови на корупцијата во Македонија, но целата работа да заглави во судството. Во месеците што следеа, ова стана пракса – извршната власт истражува, собира докази, процесуира, а судската влласт и обвинтиелството најотворено ги бранат криминалците. Последниот пример, повторно поврзан со огромни тендери во енергетскиот сектор, на компанијата Марковски од Битола, го следи шаблонот – делото е истражено, доказите собрани, но главниот осомничен, кој со години работел милионски зделки и е исклучително моќен и влијателен како во регионот така и во компанијата што се истражува, не е испратен во притвор, и е во позиција да може да влијае на истрагата. Дополнителна тежина на ова дело му дава тоа што во зделките, како подизведувачи, биле ангажирани компании кои се директно поврзани со Зоран и Вице Заев, а и актуелниот лидер на СДСМ Венко Филипче беше наводно добил (барем) едно луксузно возило од целата шема. Сомнежите се дека компанијата Марковски била само параван за кланот Заев директно да се богатат на сметка на македонските граѓани, кои овој криминал го платија со парите од даноците (Заевци го урнисаа ЕЛЕМ, ја оставија РЕК Битола без јаглен во екот на украинската криза, а потоа префрлаа стотици милиони евра од буџетот за увоз на струја – за што исто така си отворија приватни компании). Денес со парите од овие зделки се гради Дубаи, а за судовите ова не е доволно сериозен корупциски случај за да наредат притвор.
А не дека нашето судство е нешто особено нежно, внимателно и резервирано кога се гонат случаи на корупција. Сетете се само на масовните апсења на поранешни функционери кои ги наредуваше режимот на Заев и Ахмети, при што не само што се одредуваше притвор како од шега, туку се нарачуваа и тепања во затвор. Но, одеднаш, кога истото нереформирано, исполитизирано и партизирано судство треба да покаже сличен третман и кон огромните криминали на другата страна, е тогаш нема притвор, обвиненијата се чуваат во фиоки, а може да се добие и наградно патување до Босфорот.
Сето ова се случува откако како држава бевме трауматично потсетени која е цената на корупцијата, откако цветот на младоста на еден град настрада во катастрофа предизвикана од таканаречената „ситна“ корупција – на локалните инспектори, полицајци и општинари. Но, деновиве се покажа дека и оваа корупција не била баш така ситна. Првин еден медиум пренесе докази за координирање на сопствениците на клубот со локалната инспекција, со очекуваните ситни поткупи. Но, дополнителен медиумски текст покажа дека во случајот имало и корупција на високо ниво, со суми во десетици илјади евра, со наводна интервенција на врвен министер, на уште еден министер, со бркање врски низ партијата СДСМ до ниво на потпретседателка на партија, вицепремиер.. Доколку објавеното се потврди, шокантно е да се помисли дека обвинителството, кое го истражува овој случај за кој сите се согласивме дека е „да се биде или не“ за владеењето на правото во оваа земја, обвинителството кое поднесе пријави против голем број поранешни и еден актуелен министер, тројца градоначалници и десетици функционери на средно и локално ниво, не најде за сходно барем да ја информира јавноста за ангажманот на високи СДСМ функционери во овозможување смртоносната стапица да продолжи да функционира како ноќен клуб. Настрана сите други сомнежи дека судството и обвинителството имаат еден аршин за СДСМ, друг за ДУИ, а трет за сите останати, тоа може и да го разбереме во случаи на обична корупција.
Но, ова е жива рана на психата на целата нација. Повторувам, доколку овој втор медиумски текст е веродостоен (а што и да мислиме за тој медиум, знаат да погодат) се работи за скандал што е неколку степени над веќе сериозните корупциски скандали што ги спомнавме погоре. Скандалот со компаниите на Вице во РЕК Битола е ограбување на државата и експлоатација на енергетска криза. Скандалот со Пуцко Петрол е бавно труење на целата држава. Но тука зборуваме корупција која уби десетици деца. Ако некој навистина мисли дека може, од политички причини, да прикрие докази за тоа како режимот на Заев и ДУИ дозволил клубот во Кочани да остане отворен (и Дурмо Турс, и Беса Транс да работат непречено – да не зборуваме за картонската болница што ја Заев и Филипче ја изградија) тогаш разрешување на обвинителите одговорни за ова е најблагата казна што може да се замисли за нив.
Затоа, иако ова се локални избори, сосем е правилно тоа што ВМРО-ДПМНЕ, како главна своја изборна тема, ги наметнува овие крајни злоупотреби во судството. Бидејќи очигледно дури ни локална тема, како редовно вршење на инспекции во угостителски објекти, не може да функционира додека судството ни е држава во држава. Џабе проекти за патишта, железници, за нормално собирање на сметот или купување нови автобуси, ако на крајот се се сведе на злоупотреби и криминал, а корумпираните и криминални политичари сметаат дека ќе се спасат со помош на еднакво корумпираните и криминални судии и обвинители.