Skip to main content

Спортот што ја обединува Македонија

Има спортови што се следат. Има спортови за кои што се зборува или се навива. Има и такви кои што можат да се практикуваат, некои рекреативно, а некои дури и професионално.

Но има и спортови кои што се сакаат и кои што се живеат!

Во Македонија, ракометот припаѓа токму во таа последна категорија. Тој не е само уште една спортска дисциплина која ја дополнува лепезата на спортови. Тој е чувство и навика што се пренесуваат од генерација на генерација. Настапите на македонската ракометна репрезентација се на ниво на национална  хипноза. Тоа се денови кога целата нација почнува да дише во еден здив, се до моментот на експлозија… во радост или во горчина… но секогаш заедно.

Ако постои спорт кој ни приредил радост и го разбудил чувството на национална гордост, тоа е ракометот. Ако постои спорт кој што нѐ обединува и сплотува, тоа е ракометот. Овие констатации се на ниво на аксиома и за нив нема потреба од доказ или поткрепа. Тоа е вистината!

За да оваа национална радост и момент на обединување го задржи сопствениот континуитет и во иднина, треба да си го поставиме прашањето: „Како да го зачуваме и надградиме досега постигнатото?“.

Ако го анализираме настапот на македонската репрезентација на тековново Европско првенство, може слободно да кажеме дека  резултатот е солиден и охрабрувачки. Не е сензационален, не е историски, но е постигнат со труд, залагање и континуирана работа. Уште поохрабрувачки се пристапот во играта, физичката подготвеност и тактичката зрелост на целиот тим. Оваа репрезентација се разликува од онаа златната по тоа што има силна клупа, голем број на подготвени ракометари и авторитетен стручен штаб. Постигнатиот резултат кажува дека Македонија знае да игра ракомет, знае да се бори, не се предава однапред и не се плаши од големите имиња.

Резултатот е постигнат со домашни ракометари, Македонци, без натурализација на спортисти од странство или африканскиот континент како што тоа е случај со кошарката и фудбалот во најсилните европски репрезентации. Натурализацијата како тренд е се поприсутен и во македонските колективни спортови и токму затоа ракометот може слободно да го дефинираме како национален спорт кој извира од ткивото на нацијата.

Впрочем, ако гледаме на ракометот како извозен производ, може слободно да потсетиме дека наши врвни ракометари играле за Барселона или некој друг европски гиганти. Она што во фудбалот се Реал и Барселона, тоа во ракометот е Барселона. Тоа едноставно значи дека онаму каде што во фудбалот настапувале Меси и Роналдо, во ракометот на истото ниво настапувале Лазаров, Ристовски и други македонски репрезентативци.

Дали е потребна посилна илустрација од оваа за да ја поткрепиме тезата дека ракометот како игра дефинитивно е најсилниот македонски колективен спорт и дека заслужува да биде третиран како национален спорт?!­

Фудбалот и кошарката се значајни спортови кои го привлекуваат широкото внимание на љубителите на спортот. Современиот фудбал повеќе е бизнис отколку спорт и бара многу пари и вложувања. Држава како Македонија не може да си дозволи таков обем на финансии за да создаде конкурентна репрезентација која ќе може да се носи со најдобрите и да биде редовен учесник на европските или светските првенства, како што тоа е случај со ракометот. Во кошарката има други елементи кои ги ограничуваат врвните дострели во овој спорт. Се чини дека во кошарката еднаш го достигнавме максимумот и дека ќе помине уште многу време за да се создаде некоја нова генерација која ќе го повтори тој пик. Но, во ракометот чувството е дека имаме уште простор за напредок и дека може многу повеќе да постигнеме со дополнителни вложувања и континуирана работа.

Во основата на сѐ треба да се создаде силна училишна база од каде ќе започне создавањето на идните врвни ракометари. Впечаток е дека ракометот како спорт е присутен во основните и до некаде во средните училишта, но факт е дека доколку сакаме да создадеме врни ракометари по урнекот на малите Исланд и Фарските острови, мора да го зајакнеме училишниот спорт како основа на се. За таа цел неопходна е национална стратегија која во себе ќе го инкорпорира училишниот спорт.

Дали тоа ќе се прави преку вработување на дополнителен наставен кадар или преку стимулација или задолжување на постоечкиот, дали тоа ќе биде уредено како обврска на наставниците по физичко воспитување да во постоечкиот фонд на часови организираат и водат училишни ракометни екипи во секоја возрасна категорија, или пак ќе се најде некој поинвентивен начин, сето тоа треба да биде предмет на интерес на надлежните институции и експертите за да стане составен дел од националната стратегија. Секако, под услов да сакаме да тргнеме во тој правец, да креираме стратегија и ракометот да го доведеме на ниво на национален спорт.

Главниот збор треба да го имаат Ракометната федерација и Министерството за спорт. Федерацијата да биде носител на целата активност, а Министерството да го доведе сето тоа на ниво на национална политика и национален спорт. Потребно е да се дефинираат јасни стандарди и цели за сите старосни генерации, почнувајќи од најмладата па се до сениорско ниво. Ако сакаме Македонија и во следните 20 години да биде редовен учесник на европските и светските првенства, како и да биде респектабилен противник, потребни се системски чекори.

Финансиите се неизбежен елемент во модерниот спорт. Неопходни се реални инвестиции во сите младински категории, не само во сениорската. Младите се најголем капитал на македонскиот ракомет и со темелна работа таквата инвестиција ќе стане исплатлива и ќе создаде додадена вредност.

Во последниве петнаесетина години се изградија значаен број на училишни спортски сали, кои можат да бидат поефективно користени. Онаму каде што тоа досега не е направено, потребно е да се докомплетира училишната инфраструктура во овој дел и да им се овозможат подеднакви услови на сите ученици.

Паралелно со ова треба да се одвива процес на лиценцирање и стручно усовршување на тренерскиот кадар во младинските категории. Потребно е да се организираат повеќе турнири и натпревари за младите категории како и темелна работа во правец на нивната образовна и психолошка поддршка. Талентот без работа и поддршка од системот е ништо друго освен изгубен потенцијал.

Поддршка на домашната лига е услов без кој не се може. Силна репрезентација без силна лига е илузија. Не е доволно нашите врвни ракометари да ги праќаме по европските клубови и од таму да ги повикуваме во репрезентацијата. Таквиот пристап ќе создаде неконзистентност и осцилации кои се карактеристични за останатите македонски екипни спортови. Потребно е финансиска стабилизација на клубовите, регулација или ограничување на неконтролираниот увоз на странци и задолжително вклучување млади домашни играчи. Лигата мора да биде развојна, а не само резултатска. Резултатите ќе дојдат сами по себе како плод на систематскиот пристап.

Во сето ова не смееме да ја изоставиме и едукацијата на тренери и судии. Гледаме дека тренерите се можеби најважниот елемент во оваа игра. Тактичката поставеност на играта во ракометот е примарниот елемент кој одлучува за тоа дали послабиот може да се носи со посилниот, и обратно, посилниот на терен да киксира заради несоодветно и неквалитетно водење од клупата. Ако за нешто не треба да постои ограничување тоа е увозот на стручен тренерски кадар кој ќе ги пренесе своите знаења и во перспектива ќе изгради квалитетен и броен домашен стручен кадар. Вложувањето во знаењето е најевтината и најисплатливата инвестиција.

Во овој контекст не смееме да ги заборавиме ниту судиите и функционерите во домашната, европската и светската ракометна заедница. Нивното влијание е огромно и секое дополнително присуство на македонски претставници на меѓународен план, дополнително ќе ги зајакне нашите ракометни позиции. Македонија во овој дел од ракометниот спорт има свои истакнати претставници, но тука не смее да се застане и да се направи дисконтинуитет кој негативно ќе се одрази во иднина. Како и во секој модерен спорт, така и во ракометот, битката се бие на теренот, клупата, преку финансирањето, но и во круговите кои ги носат одлуките во овој спорт.

Ракометот во Македонија е доведен на ниво на идентитетска вредност. Неговата заштита и унапредување е на ниво на заштита и унапредување на македонските идентитетски атрибути. Македонскиот ракомет секогаш бил препознатлив по, борбеност, дисциплина и колективен дух. Овие вредности не смеат да се жртвуваат за краткорочни резултати на повремени клупски успеси кои би биле ставени во фокусот на интересот.

Ракометот во Македонија е повеќе од спорт. Тој е огледало на тоа што ние Македонците можеме да бидеме кога постои систем, визија и заедничка цел. Солидниот настап на Европското првенство не треба да нè задоволи, туку да нè мотивира. Прашањето не е дали Македонија има талент. Прашањето е дали има трпение, организација и храброст да мисли долгорочно. Ако одговорот е „да“, тогаш ракометот и понатаму ќе биде наш најгласен амбасадор… на теренот и надвор од него.

Поврзани вести