Skip to main content

Нема веќе „како до сега“

Има повеќе интересни сцени по кои ќе го паметиме Артан Груби – повеќето поврзани со неговата фикс идеја да покаже кој е газда во центарот на Скопје: тепачката со Комитите на скопското Кале за да спречи обнова на древна црква (иако на почетокот градеше кариера како противник на исламистичките структури меѓу Албанците); упадот со неговата банда Шверцери со кои го демолираа Македонскиот народен театар; кога го уриваше споменикот на Цар Душан; кога неговите Шверцери избодеа бугарски навивач затоа што се дрзнал да вози низ Чаир, кога ја избрка Антикорупциска комисија од нивните простории па играше фудбал во импозантната зграда направена како дел од проектот СК2014, каде му организираше и роденденска забава на Али Ахмети.. Артан сфати дека контролата врз објектите од СК2014 покажува де-факто контрола врз власта и центарот на градот и со своите хулигански напади им покажуваше на Македонците, дали од ВМРО, или од СДСМ, кој е главен тука. А СДСМ, како што стануваа се по-зависни од гласовите на ДУИ за да се одржат уште некој месец на влас, му дозволуваа да го прави тоа.

Сепак, за мене, врв на отстапките на СДСМ беше кога, со сиот памет, го ставија Артан Груби за надлежен да преговара за изградба на автопатите од проектот Бехтел. Резултатот на тие преговори беа неверојатни цени по километар автопат (и тоа пред да се пресметаат трошоците за купување на земјиштето, кое во меѓувреме го запоседнаа добро информираните гавази од ДУИ). Да не зборуваме за изборот на градовите и граничните премини кои му беа приоритетни да добијат нови автопатишта – Груби отиде на косовска телевизија да го промовира проектот кој ќе се финансира со пари од сите граѓани на Македонија што плаќаат данок и патарина, и го претставуваше практично како дел од „пан-албански кружен тек“ што го гради заедно со Албанија и Косово во (според него) албанските земји (плус една линија меѓу Битола и Прилеп). Настрана тоа што вакви грандиозни инфраструктурни проекти требаше да се градат со пари од ЕУ – да видиме барем некаква придобивка од понижувачката промена на името и идентитетот на Македонците.

Отсуството на конкретни градежни работи на терен, Груби се обиде да го замаскира на начин кој најдобро го познава – во фудбалско-хулигански стил – на два пати организираше церемонии за почеток на изградбата со божем минирање на теренот кое изгледаше како да се изведено со навивачки факели – овој циркус еднаш го правеа во Пелагонија – најрамниот дел на Македонија.

Од многуте забавни моменти на овој политички фолирант, една сцена е одличен пример како може да настане грешка при преводот – како Македонците и Албанците помислуваат на сосем различни работи кога ќе им кажеш една иста информација. Во 2020 година, кога Али Ахмети веќе и формално го промовираше Груби за свој наследник и го стави на за него специјално измислената позиција прв заменик премиер (Албанец), во албанскиот печат се разви жолчна дебата околу тоа дека Артан бил „преведувач во жолтата куќа“.

Накусо, случајот „жолта куќа“ беше обвинувањето изнесено во повеќе западни медиуми дека за време на Косовската Војна во пограничниот регион меѓу Албанија и Косово, близу градчето Бурел, имало импровизирана клиника на ОВК во која се отстранувале органи од воени заробеници и тие им се продавале на богати пациенти од Западот. Морничавите обвинувања за тоа што ОВК правела во околината на Бурел ги објави германски Шпигел, се спроведе и формална истрага на Советот на Европа, а сето тоа отвори многу прашања и за активностите на ОНА и судбината на исчезнатите Македонци од војната во 2001 година.

Податокот за наводната вмешаност на Груби во овој случај, како преведувач, го ширеа неговите политички противници и тоа беше голем минус за него во очите на Албанците. Наивната македонска јавност помисли дека албанската јавност се бунтува затоа што Груби некако бил поврзан со единицата на ОВК која командувала во граничната зона со Албанија, и дека преведувал – практично им асистирал – на лекарите – злосторници.

Но вистината е многу по-бизарна. Албанската јавност протестираше затоа што Артан Груби бил преведувач, но не на ОВК, туку на меѓународните претставници кои го истражуваа случајот! Да беше преведувач (или уште подобро – вооружен припадник) на ОВК, Груби ќе добиеше позитивни поени во кандидатурата за прв заменик претседател на Владата на Заев. Но како смеел да помисли да учествува во истрага со која се фрла сомнеж во доблесноста и витешката борба на учките? Настрана тоа што меѓународните истраги за злосторства на ОВК се одвиваа колку да се рече, про форма, со максимално фаворизирање на албанските команданти, со силен притисок да им се дадат амнестии, да се заборави на жртвите, „да се гледа кон иднината“, „да се мисли на доброто на државата“ (додека сведоците еден по еден гинеа во бизарни несреќни случаи).

Во тој период повеќе пати ми се случи во разговор со инаку добро информирани луѓе, новинари, политички ангажирани лица – Македонци, да сфатам дека тие сериозно мислат дека проблемот што албанските медиуми и критичка јавност го имаат со Груби е што човекот бил припадник на единица на ОВК вмешана во монструозни злосторства. Дури и симпатично ми беше колку наивни беа моите соговорници, кои мислеа дека кај Албанците постои критичка јавност која смее да се оглсаи по прашањето на ОВК. Ми требаше време да им објаснам, со покажување на линкови од новинарски текстови на албански, дека евентуалното учество во ОВК, па и вршење на воени злосторства, немаше да биде никаков проблем за него, напротив, веројатно ќе можеше да го наведе во биографијата и мотивациското писмо за позицијата Прв Заменик Претседател на Владата (треба да видиме што напишал Талат Џафери кого СДСМ и ДУИ го направија прв премиер – Албанец). Не другари, им велев, проблемот е што Груби е виден во јавноста како потрчко на странскиот фактор, кој сака да биде водач на партија што произлегла од УЧК, но таа позиција сака да ја добие со одење на амбасадорски коктели, а не преку бојното поле.

И токму таа блискост со меѓународниот фактор, толку важен за кариерата на секој политичар Албанец во регионот, на крајот му се удри од глава. Неговите меѓународни поддржувачи го згазија Груби како државното знаме под тркалата на автомобил при партиска прослава на ДУИ. Американците, со кои до вчера потпишуваше договори вредни милијарди, го пуштаат низ вода како да е обичен руски пион на Блискиот Исток. Ги нема холандските премиери и амбасадорки да долетаат и да го земат во заштита. Го нема да се јави идниот директор на ЦИА за кого Груби пушташе приказни дека биле многу блиски пријатели (се фотографирале еднаш пред 6 години во ходник во Конгресот за време на собраниска посета на Вашингтон).

Гледано пошироко од судбината на еден корумпиран уличен силеџија на кој му се даде премногу простор да се умисли дека е голем фактор во државата, пуштањето на Артан Груби низ вода отвара и поголеми прашања. Пред се, каква ќе биде идната американска посветеност на албанскиот проект, која со децении го туркаа независно која партија е на власт во САД и независно какви зулуми и потреси се случуваа на Балканот како резултат на фаворизирање на албанската агенда. Локалните американски дипломати кои по напуштањето на функцијата преоѓаат „приватниот сектор“ – односно буквално стануваат албански лобисти – деновиве се прашуваат што ги чека во новиот мандат на Трамп и дали ќе можат да продолжат да функционираат “како до сега” – што би рекол Али Ахмети. Останува да видиме дали пуштањето на Груби низ вода е најава за поголема промена во нивните политики, и можеби крај на повеќедецениската политика на промовирање на улични силеџии, криминализирани и корумпирани националисти и воени злосторинци како фактори на стабилноста во регионот.

Поврзани вести