
Како голем скандал новинарката на Вашингтон пост Катерин Белтон пренесува веста дека американскиот потпретседател Џеј Ди Венс дојде во Унгарија да го поддржи премиерот Виктор Орбан пред изборите кои се очекува да бидат прилично неизвесни. Белтон, дописничка на Вашингтон пост од Русија, вознемирено пренесува дека унгарски бизнисмени финансирале десничарски аналитички центри и организации, и се поврзале со американски претставници на десничарското МАГА движење, особено со лица од кругот на потпретседателот Венс, кој отворено ги поддржуваше десните партии и во Германија и други европски држави.
Истиот тој Вашингтон пост пред една година беше потресен од одлуката на претседателот Трамп да ја затвори УСАИД – агенцијата преку која САД директно финансираа огромен број левичарски аналитички центри, активистички групи и насилни демонстранти низ Европа. Тоа тогаш не беше мешање на американските власти во политичките одлуки на други држави. А ако веќе зборуваме за унгарски бизнисмени кои финансирале политички каузи, Вашингтон пост многу пати има пишувано пофално за Џорџ Сорос и неговото финансирање на најналудничавите левичарски каузи во САД и низ Европа, од отворањето на европските граници за мигрантите преку легализацијата на дрогата до измислувањето на нови дефиниции за полот и семејството.
Активностите на Сорос, како што на нас во Македонија ни е добро познато, секогаш беа тесно поврзани со работата на УСАИД и американските власти – особено кога во САД на власт беше Демократската партија, но честопати и кога републиканците беа на власт (па дури и самиот Трамп). Значи Вашингтон пост нема проблем со принципот дека САД можат да се мешаат во исходот на изборите на европските држави (во времето на Обама, американски амбасадор во Будимпешта беше Дејвид Пресман, во споредба со кого нашите Батлери и Бејлиевци изгледаат како мали деца). Весникот и другите лево-либерални медиуми кои деновиве организирано го напаѓаат Орбан немаат проблем ниту кога унгарски бизнисмени како Сорос се мешаат во политиката на други држави. Единствено имаат проблем кога тоа се случува од десната позиција – левите сметаат дека само тие имаат право да се мешаат.
Се разбира, разурнувачкиот ефект од наметнувањето идеолошки позиции од страна на пропагандната, дипломатската велесила САД ни оддалеку не може да се спореди со ефектот малата Унгарија.
Тоа што Унгарија успеа да се наметне во регионален и донекаде европски политички фактор како организатор на европската десница се должи на забеганоста на лево-либералните европски политичари и на нивните репресивни механизми, кои до таа мерка претераа со своите политики и со сузбивањето на јавното мислење и изборите во своите земји што голем дел од граѓаните на Франција, Австрија, Германија, Шпанија.. се принудени да се свртат кон помали политички партии инспирирани од Орбан и Унгарија за да го изразат својот протест. Ле Пен се соочува со истраги и забрана да учествува на изборите, АфД е под постојани „активности“ на германските безбедносни служби, во Романија ги поништија изборите кога победи „погрешниот“ кандидат, во повеќе европски држави на сила е договор за здружување на сите партии – од божемната ум(е)рена десница, преку социјал-демократите до социјалистите и крајните левичари, до зелените, либералите и исламистите – сите на купче против народните суверенистички партии од моделот на Орбан и Фидес. Само така, колку-толку се одржуваат владите во држави како Германија и Австрија, и така Макрон купи уште некоја година на власт против Ле Пен, формирајќи коалиција претскажана во книгата Потчинување на Мишел Улебек, која пред само десетина години беше замислена како фантастична дистопија.
Во својот 16-годишен мандат како премиер, Орбан ја создаде Вишеградската група – сојузот на четири подунавски ЕУ членки – Унгарија, Полска, Чешка и Словачка – кои ги координираа своите политики во однос на Брисел, особено во однос на миграцијата. Тие беа државите кои и укажаа помош на Македонија во 2016та година, да ја затвориме границата кон Грција и да ја запреме големата мигрантска криза.
Полска падна под агресивен либерален режим, кој ги апси претставниците на десницата во стилот на режимот на Заев, но со победите на Фицо и Бабиш во Словачка и Чешка, како и со изборот на Навроцки за претседател на Полска, три и пол од четирите В4 држави денес повторно се на истата страна. Повремено на оваа група и се приклучуваше и Словенија под Јанша (каде во тек се преговори за состав на новата влада), како и Австрија под Курц. Орбанистичката партија ФПО денес е далеку најпопуларна партија во Австрија и ќе бидат потребни неверојатни егзибиции и здружување на и шуто и рогато во таа земја за да се спречи нејзиното доаѓање на власт по следните избори. Орбан, секако, изгради силни врски низ Балканот, како и со Италија на Мелони и Салвини, со што на политичката мапа на Европа овој блок на држави предводени од десни суверенистички партии изгледа како проширена Австро-Унгарија. Далеку од тоа дека се работи за „крајна десница“ или за „изолираната Унгарија“, овие држави на национално ниво се доста посериозен фактор од некогаш водечките европски партии ЕПП и ПЕС, кои мораат да се потпрат на нивната доминација со бирократските структури во Брисел за да останат на владеачка позиција во Европа. Брисел тоталитарно се пресметува со непослушните држави – пред се со Унгарија – на која и ги кратат фондовите и и наметнаа казна од милион евра дневно затоа што одбива да прими дел од мигрантите кои Германија ги покани во ЕУ.
Брисел исто така истура десетици милиони во пропагандна кампања против Орбан – особено откако унгарскиот премиер го блокираше пакетот до 90 милијарди евра за продолжување на војната во Украина. Искуството не учи дека добар дел од овие пари ќе го најдат патот назад до џебовите на политичарите во ЕУ, дали преку проекти за „борба против дезинформации“, „реформи во судството“, дали преку нарачките за европската воена индустрија која сонува да ја игра улогата која американската воена индустрија ја игра во политиката во САД. Ова се 90 милијарди силни причини за бирократите во Брисел да сакаат да го елиминираат Орбан (засега со политички средства, иако Зеленски му упати и закана по живот – да не заборавиме дека една таква закана веќе се реализираше против Фицо).
Се разбира, овој збир на истомислечки европски и балкански држави (на собирите на Орбан исто така чести гости се актуелните или поранешните лидери на Аргентина, Бразил и Чиле) треба да се гледа во контекст на претседателот Трамп и улогата која САД може да ја одигра во ресетирањето на глобалната политика. Како што за голем дел од доминацијата на лево-либералните идеи и режими во голема мерка се виновни САД, со нивните УСАИД проекти, обоени револуции, војни и пропаганда, така решението на овој проблем може и мора да дојде од САД. Без нивна поддршка, тешко дека десничарскиот проект во Европа може да успее.
На некој начин, кревањето на влоговите околу изборите во Унгарија е дел од прокси војната меѓу две американски елити – десничарската на Трамп и далеку поголемата и повлијателната лево-либерална елита која доминира со Демократската партија, но и со значителен дел од Републиканската партија, медиумите, јавната администрација и безбедносните служби. Оваа втора американска елита, која Трамп ја нарекува Длабоката Држава, е секако исповрзана со Брисел и со либералните политичари во Европа, кои во голем дел ги има создадено, едуцирано и донесено на власт. Затоа денес гледаме координирано ширење на истите тези во однос на изборите во Унгарија од: поранешни американски дипломати, леви и десни (анти-Трамп) американски новинари, политичари од Германија, Полска, балтичките држави, универзитетски експерти од Франција или Австрија, новинари на Ројтерс, Блумберг, Вашингтон Пост, Политико – честопати тоа се истите луѓе кои сме ги гледале и во Македонија и во други места каде се финансирале обоени револуции.
Нивните тези кои ги повторуваат како папагали се дека Орбан е тоталитарен лидер и руски човек – за што во пресрет на изборите масовно објавуваат снимки, што ни е добро позната алатка од арсеналот на американската Длабока Држава, која сепак, во времето на вештачката интелигенција ја загуби својата моќ. Нападите врз Унгарија честопати немаат никаква логика – во време кога Украина секојдневно врши напади врз руските енергетски капацитети (со што како свесно да сака да ја доупропасти светската енергетска состојба), и кога ги напаѓа и одбива да ги поправи линиите за снабдување на Унгарија и Словечка со руска нафта, откриената бомба близу гасоводот Турски Тек во Војводина сепак едногласно беше прогласена за лажен напад од страна на здружениот хор критичари на Орбан.
Истите коментатори секој ден ги слават украинските напади врз руските енергетски капацитети, но баш за овој напад сите беа сигурни дека бил подметнат од Вучиќ и Орбан. Или, пак, координираните критики на посетата на потпретседателот Венс на Будимпешта, кои американските и европските лево-либерални ги прогласија за мешање во внатрешните работи на Унгарија. Тоа се истите луѓе и европски држави кои со месеци му даваат целосна поддршка на унгарскиот опозиционер Петар Маѓар, со се чудни анкети искористени за пропагандни цели, фермани испишани со критики за Орбан, до очигледни разузнавачки акции против Унгарија и користење на Украина за енергетска уцена пред изборите. Но, тоа што потпретседателот на САД одржал говор во Будимпешта, тоа е мешање во внатрешните работи.
Тешко е човек сериозно да ги следи и одговара на овие пропагандни тактики. Соочени сме со арогантна елита која не е навикната некој да им противречи и да ги преиспитува нивните ставови, па затоа не се ни трудат многу во пропагандата, а во исто време се крајно нервозни бидејќи Орбан им ги секна 90-те милијарди за продолжување на бесмислената војна во Украина и за нафатирање на нивните џебови. Комбинација на неспособност и гнев не може да резултира со обсмислени постапки и аргументи. Веројатно прашањето најлесно може да се расчисти со прошетка до некоја западноевропска или северноамериканска престолнина, а потоа посета на Будимпешта, што најдобро ќе покаже кој е во право по прашањето на миграцијата. Со проверка на демографските податоци на Украина и индустриските и енергетските податоци на Германија, што најдобро покажува кој е во право по прашањето на војната во Европа, и кој му мисли добро на стариот континент. Се друго е само пропаганда.

Македонски


