Skip to main content

Македонија со дата центри или како дигитално слепо црево на Европа

Некаде на почетокот на деветнаесеттиот век во Англија се појавила крајно поларизирана општествена дебата во однос на појавата и примената на машините во текстилната индустрија. Таа дебата прераснала во силно движење меѓу текстилните работници кои жестоко се спротивставувале на употребата на машините во текстилната индустрија. Тоа движење било составено од работници кои ги „мразеле машините“. Нивниот отпор кон технолошкиот развој одел до тој степен што буквално ги кршеле машините. Биле нарекувани лудити поради тоа што биле следбеници на извесен Нед Луд (Ned Ludd), за кој сметале дека бил првиот работник што искршил машина.

Веројатно луѓето си имале свои лични причини, интереси и стравови заради кои го правеле тоа што го правеле, но сепак не успеале да го спречат технолошкиот напредок. За тој технолошки напредок денес сведочиме, гледаме и чувствуваме колку можат да придонесат машините за благосостојба на човекот.

Ништо не е поразлично ниту денес!

Речиси и да не постои тема која кај нас не предизвикува поделба и политичка конфронтација. Не постои политика или проект на владата кој не е оспоруван и напаѓан од спротивниот табор дури и без посебно изразена причина или аргументирана поткрепа. Во отсуство на сопствени, идеите, проектите и политиките на противникот мора да бидат напаѓани, „затоа што така треба“. Воопшто не е важно дали таквата идеја или проект имаат за цел напредок и подобрување на состојбите во државата. Важно е да се биде против и да се биде „лудит“ за да не се загрозат некакви маргинални лични интереси.

Таков е случајот и со најновата замисла на македонската влада за отворање на дата центар со кој ќе ја стави Македонија во редот на државите кои одат во чекор со екстремно брзиот развој на информатичката технологија. Едните се за, а другите против.

Темава со дата центрите е исклучително актуелна последниве десетина дена. Од тие причини, уште веднаш сакаме да напоменеме дека не поседуваме детални знаења за она што со себе го носат дата центрите. Но, поседуваме доволно искуство и години живот за да можеме да кажеме дека технолошкиот развој не може да биде спречен со кршење машини, оневозможување на реализација на проекти, а уште помалку со политички соопштенија, изјави и прес конференции. Или ќе бидеме дел од ваквиот развој или ќе стоиме на страна и ќе бидеме неми набљудувачи и клиенти на оние кои што го фатиле чекорот со време. 

Трето веројатно нема!

Од тие причини зачудува ставот на СДСМ кој без алтернатива и поинакво понудено решение ги напаѓа политиките на владата во врска со дата центрите. СДСМ строго се држи до она непишано правило на однесување дека мора да биде против се што проект и политика на актуелната влада. Нивните проектирани аргументи, кои се уште се на ниво на фикција сосема ги пренебрегнуваат фактите кои со себе ги наметнува технолошкиот развој.

На пример, во СДСМ го занемаруваат фактот дека дата центарот може да донесе не само директна инвестиција и нови работни места, туку и пропратни инвестиции кои се комплементарни и потребни за севкупното негово функционирање. Околу дата центарот се развива екосистем од ИТ инженери, cloud и cyber-security експерти, електроинженери, телекомуникациски компании, градежни фирми, компании за ладење, одржување, логистика и физичка безбедност. 

Токму овој факт постојано го истакнуваат во ВМРО-ДПМНЕ во прилог и поддршка на идејата за отворање на дата центар. Тоа се капитално интензивни инвестиции кои можат да донесат нови услуги, знаења и диверзификација на економијата. Владата не планира да гради само зграда полна со сервери. Планира да гради инфраструктура врз која може да се развива нова економија.

Некако пренагласено и недоволно убедливо звучат аргументите кои што ги користи СДСМ за напад на владината идеја. Евентуалниот недостаток на вода, прекумерното користење на електрична енергија и можните еколошки ризици звучат апокалиптично кога тоа го говорат од СДСМ. Но, за секој човек што здраворазумски резонира, сосема е нелогично да се очекува еден инвеститор да инвестира пари во ваков проект доколку нема негова одржливост, ресурси и инфраструктура која ќе го опслужува. Доколку задолжителните физибилити студии покажат релевантен ризик за одржливоста на проектот, особено во делот за кој зборуваат во СДСМ, проектот нема ни да отпочне со реализација. Тоа е толку едноставна бизнис закономерност.

Исто така, нелогично е од владата да се очекува да ги обезбеди сите најсовремени услуги во областа на информатичката технологија, а притоа да не води грижа за инфраструктурата која претставува логистичка подлога за таквите услуги. Во СДСМ мора дефинитивно да се определат дали се за тоа на граѓаните на Македонија да им се обезбедат најсовремените технолошки достигнувања или пак да си останеме „слепото црево“ на Европа. 

Европските интеграции не се прават само со говори, преговори и политички флоскули. Тие се процес кој се одвива во континуитет и преку кои во чекор се следи развојот во земјите членки на ЕУ. Ова е процес кој што мора да се одвива  независно од тоа дали си блокиран кандидат или земја во преговори. Секое заостанување на било кој план, вклучително и во развојот на информатичката технологија, подоцна ќе наметнува нови и покомплицирани услови кои една заостаната земја тешко ќе може да ги исполни.

Значи, кога во СДСМ зборуваат за европски интеграции мора да имаат во предвид дека интеграциите се прават и во дигиталниот простор од дваесет и првиот век, а не само со наметнати промени на Уставот за прашања кои се однесуваат на деветнаесеттиот век.  

Дата центрите се една од инфраструктурите на иднината. Без нив нема сериозен cloud сектор, нема развиена инфраструктура за вештачка интелигенција, нема модерни дигитални јавни услуги и нема целосно учество во дигиталната економија. Дата центарот сам по себе не би требало да е главната цел. Тој е инфраструктурна основа за други дигитални активности. 

Затоа, не смее да се запира развојот на технологијата која му користи на човекот. Македонија не треба да ја пропушти новата технолошка револуција и да се претвори во дигитална периферија на Европа.

Развојот не значи дека владата има намера за некритичко прифаќање на секоја инвестиција. Секоја инвестиција претходно ќе биде детално анализирана и соодветно поддржана од потребната инфраструктура. Отворањето на дата центар ќе го поттикне развојот во делот кој е неопходен за негово непречено функционирање.

Ако сакаме дигитална Македонија, мора да изградиме дата центри. Ако сакаме дата центри, мора да изградиме доволно енергија, мрежа и водна инфраструктура. Ако сакаме таа инфраструктура да биде одржлива, мора да инвестираме во обновлива енергија, складирање, енергетска ефикасност и современи системи за ладење.

Затоа, дебатата не треба да биде  дали се потребни дата центрите туку какви дата центри се потребни?! Под какви услови ќе се градат, со чија инвестиција, со каква потрошувачка на вода и струја и со каква конкретна корист за Македонија?

Тоа се прашањата на кои што треба да се фокусираме. 

Затоа е дискутабилен ставот на СДСМ во однос на дата центрите. Нивната критика доаѓа по оној политички автоматизам за кој што зборувавме на почетокот. Нивните мотиви се спорни затоа што се засновани на страв од успехот на политичкиот противник. Секој успех на владата, кој ќе овозможи дополнителен технолошки напредок, отворање на нови работни места, подобрување на севкупната економија и фаќање на приклучок со развиениот свет, ќе биде пораз за СДСМ. Тие тоа добро го знаат и без да понудат алтернатива или подобро решение уште во зародиш ја напаѓаат идејата за отворање на дата центри.

Таквиот класичен реактивен пристап кој Македонија, наместо регионален центар за дигитални услуги, cloud и вештачка интелигенција, ќе ја претвори во дигитално слепо црево на Европа. Тоа не смее да се дозволи исто онака како што на лудитите не им било дозволено да запрат технолошкиот напредок.

Поврзани вести