
Истанбул, една на најпопуларните и најпосетувани туристички дестинации, е високо на листата и по бројот на патници кои оваа светска метропола ја користат за трансфер кон други дестинации. Во 2024 година, околу 40,5 милиони транзитни патници поминале на двата меѓународни аеродроми, Аеродромот Истанбул и Сабиха Ѓокчен. Овие патници имаат можност слободното време помеѓу летовите да го поминат во посета на значајните уникатни места и споменици во Истанбул.
Градот е на врвот на листите препорачани за патувања, не само поради инспиративното наследство и живата културна сцена, туку и поради вкусната кујна, богатиот ноќен живот, како и бројните можности за шопинг. Постојат неколку препораки до посетителите како најдобро да го доживеат ако имаат на располагање 48 часа.

Во првиот ден, се советува почеток со богат турски појадок, и потоа рано наутро посета на Историскиот полуостров, срцето на културното наследство на градот. Плоштадот Султанахмет е совршено место за патување низ славното минато, а не треба да се пропуштат архитектонското чудо Аја Софија, иконската Сина џамија, позната по своите извонредни плочки, како и мистериозната Базилика Цистерна. По утро полно со историја, препорака е да се вкусат познатите Султанахмет ќофтиња.

Попладнето е резервирано за Палатата Топкапи, која некогаш била административен центар на Отоманската Империја. Вреди да се посетат салата со свети реликвии, како и империјалната кујна и харемот, каде што во луксуз живееле султаните со своите семејства. Може да се одберат и Археолошките музеј на Истанбул, првиот музејски комплекс во Туркије што чува фасцинантни артефакти, како Договорот од Кадеш, Александровиот саркофаг и Вратата на Иштар. Во лето музејот работи до 22 часот, благодарение на проектот „Ноќни музеи“.

Капали чаршијата со над 4.000 продавници се препорачува за рачно изработени богатства, текстил и сувенири. Интересна локација е Пазарот со зачини и сушено овошје, а вечерта може да се помине со чаша вино на една од бројните тераси или пространи покриви.

За убав старт на вториот ден се советува крцкав симит и турски чај во квартот Каракој, а потоа посета на Галатапорт, модерен крајбрежен комплекс и современ културен центар со галерии, ресторани, кафулиња и бутици. Прошетката покрај Босфорот и кафе во некое од стилските кафулиња вреди да се надополни со разгледување на Саат кулата во Тофане, или со посета на наградуваните Музеј на современа уметност и Музеј на сликарство и скулптура на Истанбул.

Брзо и лесно со подземната железница се стигнува до улицата Истиклал, каде е лоцирана и кулата Галата од каде панорамски поглед на градот остава без здив. Црвениот трамвај на Истиклал се движи меѓу историските пасажи, продавници, галерии и музеи. Традиционална турска храна може да се проба во некој домашен ресторан, но не е на одмет да се вкуси и уличната, како полнети школки или сендвич со риба. За да се почувствува големината на градот, пак, најдобро е да се заплови на кратка тура по Босфорот. Совршен крај на денот со богато е уживање во гурманско искуство во некој од рестораните со Мишелин ѕвезди. Кулинарската понуда е разновидна – од иновативни толкувања на анатолската кујна и сезонски јадења со локални состојки, до интернационална кујна и вегетаријански менија.
Комерцијална објава