Skip to main content

Каревска: Секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, спорт, култура и можност за безгрижно детство

Децата се нашето најголемо богатство. Општина што е посветена на децата е општина што го гради своето „утре“ со љубов, посветеност и одговорност. Затоа, Општина Куманово ќе продолжи да обезбедува сигурно, здраво и поттикнувачко опкружување, каде секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, спорт, култура и можност за безгрижно детство, изјави на денешната прес-коференција кандидатката за советник Сара Каревска на претставувањето на идните приоритети на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија посветени на најмладите жители на Куманово. 

„Децата се нашата иднина и најубавата причина да се бориме за подобро утре. Со вложување во децата, вложуваме во поефикасно, похумано и посилно Куманово, град што расте заедно со нивните соништа и успеси. Затоа Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, на овие избори со серија проекти што ќе реализира, ќе покаже на вистински начин како се води грижа за најмладите жители“ рече Каревска и ги најави проектите и активностите за идниот мандат. 

  • Три нови градинки: во населбата Зелен Рид, во урбаната единица „Бајрам Шабани“ и во населбата Карпош.
  • Реконструкција и проширување на капацитетите на постојните објекти на градинките со современи и функционални услови за престој на децата, стручно усовршување на воспитувачите за модерна и квалитетна настава, и доуредување на дворовите со нов инвентар и модерни реквизити.
  • Зголемување на капацитетите за целодневен престој на учениците.
  • Нови детски катчиња и зони за игра и рекреација во секоја месна заедница, достапни за сите деца, со стандардизиран изглед и издржливи материјали (нас. Карпош, нас. Ајдучка Чешма, нас. Иго Тричковиќ, с. Проевце, с. Добрашане, нас. Јане Сандански, нас. Зелен Рид, м. з. Тоде Мендол, централното градско подрачје и други локации).
  • Дневен центар за дружење и едукација на децата.
  • Театар за деца и анимации како дел од културно-едукативните содржини за најмладите.
  • Културен фестивал за деца на отворено – празник на таленти и на креативност.
  • Детски спортски игри како поттик за здрави навики и спортски дух.
  • Поддршка за децата од ранливите семејства и еднакви шанси за сите.
  • Поддршка на активности за прифаќање на различностите и промоција на другарство, со цел намалување на булингот како девијантна општествена појава.
  • Субвенции за секое прваче.
  • Поставување урбана опрема за одржување на едукативна и спортска настава на отворено на локалитет Студена Вода, како и поддршка на повеќе едукативни прошетки и истражување на природата.

Грижата за децата, потенцираше Каревска, не е само обврска, тоа е чест и должност на секоја современа општина. А тоа значи: безбедни улици, градинки и училишта, простори за игра, култура и спорт, активности што ќе ги охрабрат да сонуваат и создаваат. Општина која е посветена на децата е општина што ја сака иднината. Зашто само кога се вложува во нив, навистина се градат трајни темели на подобро, похумано и посреќно општество.

Поврзани вести