
Вчера, амбасадорката Катерина Ставреска, заедно со заменик-шефот на мисијата, Билјана Глигорова, присуствуваа на свеченото отворање на Македонското културно-уметничко друштво „Св. Кирил и Методиј“ во Оксфорд, е објавено на фејсбук профилот на Македокста амбасада во Британија.
Настанот означи значаен чекор во проширувањето и зајакнувањето на мрежата на македонските заедници ширум Обединетото Кралство, со почеток на курсеви по македонски јазик во овој дел од Англија, како и формирање на културно-уметничко друштво за изучување на македонските ора и песни.
Во своето обраќање, амбасадорката Ставреска истакна: „Преку изучување на македонскиот јазик и преку песни и ора, вашите деца ќе ја почувствуваат топлината на татковината и гордоста од сопствените корени, јазикот и културното наследство. Тоа е најголемиот подарок што можеме да им го оставиме на младите генерации во овој дел на Англија.”
Со поддршка на претставништвото на винаријата Тиквеш (https://www.tikveslondon.uk) во Лондон, на собирот беше одбележан и Денот на Вранецот, 5 октомври, со што настанот доби дополнително културно и симболично значење.
Амбасадата упатува искрени честитки до раководството и сите членови на Македонско културно друштво Оксфорд за нивниот придонес во зачувувањето на македонскиот јазик, култура и традиција во срцето на Обединетото Кралство.