Skip to main content

По Гевгелија, Македонска филхармонија ќе гостува во Битола

По концертот во Гевгелија, оркестарот на Македонската филхармонија со „Бајка“ утревечер (вторник) со почеток во 20 часот ќе гостува И во Центарот за култура во Битола. Како солистка на овој концерт ќе настапи виолинистката Анна Кондратенко, концертмајстор во Филхармонијата.

На концертот во Гевгелија, Кондратенко воедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!” („Чукни и влези”) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите” од Гија Канчели.

Кондратенко родена е во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година.

Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај Z. Bron, D. Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др. Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија.

Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија” составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концертмајстор и солист на оркестар на „F.A.M.E.S Project” во Скопје.

Поврзани вести