
Во прекрасниот амбиент на Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, на 1 октомври 2025 година, се одржа осмото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Настанот беше отворен со гласот и поезијата на Анте Поповски, а беше прочитана и пораката од Јована Јаневска Ристовска која ја напиша песната „Непрочитано писмо“ од Анте Поповски на карпа во Матка. Со свој осврт, на присутните, им се обрати Александра Јуруковска, која со особен пиетет се осврна на поетскиот израз на Анте Поповски и ги презентираше најважните карактеристики кои му дадоа белег на годинешниот конкурс.
Во име на жири-комисијата, се обрати д-р Атина Цветаноска, која ги презентираше кратките рецензии за сите наградени збирки, а со искрени и емотивни говори се обратија и добитниците на наградите: Оливера Андоноска, Анета Велкоска Ода, Софија Тодороска, Вероника Димоска и Билјана Костова, од Агенцијата за иселеништво која се обрати во име на Владо Јаневски. На задоволство на присутните сите наградени автори презентираа и дел од нивните песни.
За посветеноста и поддршката на Манифестацијата, на Љупчо Димовски, Заменик претседател на Владата за политички систем и на Снежана Димовска од Македонското радио им беа доделени благодарници.
По претставувањето на поезијата од Владо Поповски, Емељ Туна и Кирил Ангелов, кои беа селектирани во потесниот избор, на присутните им се обратија Жорж и Александар Поповски кои ги презентираа активностите во рамки на Манифестацијата, се зблагодарија за учеството на сите автори на Конкурсот како и за присуството на многубројната публика.
Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – Антево перо изразува огромна благодарност на сите учесници и сите гости што со своето присуство ја збогатија манифестацијата.