Skip to main content

Руте: НАТО е посветен на 5% трошоци за одбрана, со што ја нагласува европска безбедност

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес ѝ се заблагодари на Данска за организирањето на самитот во Копенхаген, кој ја обединува Европската политичка заедница по седми пат, нагласувајќи ја важноста на дискусиите за заедничката безбедност.

„Со сè што се случува во моментов, важно е да разговараме за колективната безбедност, како да го одржиме нашето небо безбедно и да обезбедиме Украина да остане што е можно посилна, и сега и кога ќе започнат мировните преговори“, рече Руте по пристигнувањето на Самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ).

Тој, исто така, ја пофали вечерата што ја организираа кралот и кралицата на Данска синоќа, опишувајќи ја како многу успешна пренесува АП.

Руте, исто така, ги истакна клучните одлуки од вчерашниот неформален самит на лидерите на ЕУ во Копенхаген, вклучително и обврската членките на НАТО да издвојуваат пет проценти од БДП за одбрана.

„Погледнете што се случи со упадите во воздушниот простор на Полска и Естонија. НАТО, како и сојузниците Полска и Естонија, реагираа како што се очекуваше – ја отстранивме заканата и го проценивме нивото на опасност. Ова е резултат на обука и подготовки, и важно е Русија да види дека нашите системи функционираат“, нагласи Руте.

Европските лидери ќе се соберат денес во Копенхаген, каде што ќе се одржи самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ), на кој ќе се дискутира за безбедноста, трговијата со луѓе и миграцијата, со учество на околу 40 шефови на држави или влади.

Досега на Самитот пристигнаа и премиерот на Ирска, Михал Мартин, австрискиот канцелар Кристијан Штокер, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претседателката на Молдавија, Маја Санду, албанскиот премиер Еди Рама, унгарскиот премиер Виктор Орбан, полскиот премиер Доналд Туск, како и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Лидери на Европската Унија вчера одржаа неформален состанок на кој разговараа за зајакнување на заедничката одбрана на ЕУ и поддршката за Украина.

Лидерите на ЕУ, исто така, разговараа за понатамошна воена и финансиска поддршка за Украина, вклучително и предлог за користење на замрзнатите руски средства.

Самитот во Копенхаген е фокусиран на безбедноста, одбраната и војната во Украина, поради серијата инциденти со беспилотни летала на данските аеродроми и воени бази во текот на изминатата недела, а ќе се разгледаат и прашањата за миграцијата и трговијата со луѓе.

Поврзани вести