Skip to main content

Помошник директорот на Царина, Лакордов: Југоисточна Европа ги здружува силите против организираниот криминал

Царинска управа

Нашата цел е јасна – заеднички да идентификуваме и пресретнеме високоризични пратки и патници преку аеродроми, копнени граници и пристаништа во регионот. Криминалните мрежи не познаваат граници и затоа мораме да делуваме преку координирани акции засновани на темелни проценки, докази и најдобри меѓународни практики! Ова го истакна помошник директорот на Царинска управа за контрола и истраги, Влатко Лакордов, на регионалниот состанок на фокални точки и координатори на Меѓуагенциските гранични единици од Југоисточна Европа, во рамки на Заедничката акција на Европската Унија и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) за промовирање на владеењето на правото и доброто управување преку засилени мерки за гранична контрола на пристаништа и аеродроми во регионот.

Овие предизвици бараат од нас да бидеме не само контролен орган, туку и аналитички, превентивен и оперативно-ефикасен безбедносен систем. Соработката не е опција – таа е предуслов за успех – истакна Лакордов.

Преку навремена реакција на Меѓуагенциските гранични единици, само во делот на заложбите за спречување нелегална трговија со тутун и тутунски производи на граничен премин Меѓународен аеродром Скопје запленети се 682 штеки цигари, 29 килограми тутун за наргиле и 18 килограми режан тутун од патници кои се обиделе нелегално да ги пренесат кон Лондон.

Во два последни случаи, преку профилирање на сомнителни патници и размена на информации, спречени се обиди за шверц на вкупно 162 штеки цигари, кои требало да бидат пренесени кон Лондон преку аеродромите во Белград и Приштина.

Поврзани вести