
Новата концертна сезона на Македонската филхармонија се отвора в четврток, во 20 часот со концертот насловен „Класика РеСтарт“ на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантјаго Канон Валенсија, а диригент е маестро Јерухам Шаровски. На програмата се дела од Бете Илин, Едвард Елгар и Антонин Дворжак.
Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, потенцираше дека новата концертна сезона 2025-2026 е насловена „#Без филтер“ бидејќи класичната музика не подлежи на вештачки разубавувања, дека станува збор за уметност без шминка, без технолошки разубавувања, уметност во својот најавтентичен облик.
Оркестарот на Македонската филхармонија и во сезоната 2025/2026 ќе тргне во нова звучна авантура со возбудливи солисти и диригенти кои ја испишуваат денешната историја на класичната музика и се етаблираат на светската сцена како врвни уметници. Нашата публика повторно ќе има привилегија да доживее неповторливи мигови на врвно уметничко задоволство“, вели Имери.
Директорот на Филхармонија го најави и гостувањето во „Музикеферјан“ во Виена , на 28 октомври, на матичната сцена на која познатата Виенска филхармонија ги одржува своите концерти, меѓу кои и еден од најпознатите – Новогодишниот концерт кој се одржува секој 1 јануари.
Во Виена ќе се претставиме со спој на македонската традиција и европската класика – ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори – Глигор Смокварски, Бете Илин, Сони Петровски како и Симфонијата број 8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски. Ова е историски момент за нашиот оркестар, но и за нашата држава чија музичка култура и традиција ќе ја претставиме на најдобар начин, како најстар и единствен симфониски оркестар во државата. Македонската филхармонија уште еднаш ќе испише историја, и ќе докаже дека културата е најсилниот дипломатски инструмент и најдобар амбасадор на државата во светот“, истакна Имери.