
Македонија не се само спомениците, зградите, салите. Македонија се и маалата, улиците, парковите. На овие избори одлучуваме за микро-светот во кој израснавме, во кој се гради и карактерот на секој еден од нас. Секој од нас носи една тивка мапа во срцето – мапа од улици, агли и дворови што нè изградија и ни ја дадоа силата да бидеме тоа што сме. Таму каде што првпат паднавме и се исправивме. Таму каде што ја сретнавме првата љубов. Таму каде што ја научивме првата лекција – дека животот е борба, но и надеж.
Тоа маало, тој град, таа земја – тоа сме сите ние заедно. Нашата историја, нашата болка, нашите соништа. Знам дека понекогаш изгледа тешко. Знам дека понекогаш мислиш: „Дали вреди?“ Но верувај, секој ваш глас, секоја ваша борба, секој твој ден е дел од големата приказна што ја пишуваме заедно.
Јас сум свесен за тежината на очекувањата. Свесен сум за наследените проблеми и разочарувања. И знам дека сè уште се живее тешко. Но верувам дека вистинските промени не доаѓаат како молња, туку како изгрејсонце – тивко, но неизбежно. Прво зрак, па светлина, па ден. И тој ден ќе биде наш.
Тоа е влог за твојата улица, твојата градинка, твоето училиште, твојот парк. На овие избори се одлучува за да имате ваш – твој човек во општината. Тоа е оној што не те остава сам. Овој пат, тоа е твојот градоначалник – човек кој се докажа со работа, со посветеност и со резултати. Човек на кој можеш да се потпреш, затоа што знае дека да бидеш човек значи да бидеш од корист за другите.
Ова не е само политичка промена. Ова е промена на животите, на надежта, на нашата заедничка иднина. На овие избори одиме со програма која е Вистинскиот избор за вашите општини. Настапуваме со кадри кои се вистинскиот избор за развој на општините. Скопје ќе има одличен тим на одговорни, посветени и, пред сè, чесни луѓе. Ги познавам многу добро и знам колку енергија ќе дадат. И Боби за Гази Баба, Дарко за Бутел, Аце за Ѓорче Петров, Сотир за Карпош, Јане за Сопиште, Ерзан за Шуто Оризари, Бети за Кисела Вода. Допрва доаѓа најдоброто за скопјани, затоа што знам за какви луѓе се работи – со интегритет и жилави работници. И тие ќе бидат одличен тим со идниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓоргиевски, кој ќе има тешка задача да ги исправи работите во главниот град. Затоа што на луѓето им е преку глава веќе од препукувања и дневна политика – и затоа што, за првпат, Скопје ќе добие прво човек, а потоа градоначалник.