
Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Охрид, Штип, Кочани, Кавадарци, Струмица, Чаир, Карпош, Центар и другите, буквално секоја општина ќе добие своја шанса, свој развој, своја иднина, порача денеска од Штип, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денеска ги промовираше кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери за Локалните избори 2025 година. Мицкоски порача дека во Скопје, нивните кандидати ќе продолжат да се борат за чист воздух, паметен сообраќај и модерен јавен превоз.
-Во Битола, каде културата и енергијата се спојуваат, продолжуваме со инфраструктурен економски и индустриски развој и заштита на зелените површини, се разбира. Во Прилеп, градот на тутунот и занаетчиството, веќе имаме изградени нови улици и училишта, а следуваат и многу нови проекти за сите генерации посебно за младите. Во Охрид, бисерот на нашата земја, ќе реализираме многу инфраструктурни зафати, но приоритет останува заштита на нашиот бисер, Охридското езеро; новите планови се посветени на туризмот и на заштитата на културното историското наследство, но и економијата и стандардот. Тие се, исто така, наш приоритет.Во Куманово, веќе имаме нови паркови и социјални програми, а сега ќе продолжиме со силен фокус на канализации и локални патишта, на училишта, градинки, економски развој и директна поддршка за населението, вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски за Штип, кој е универзитетски град, најави нови вложувања во образованието и иновациите за младите, но и во проекти за постарите, и економски мерки за работниците.
-Во Кочани и Виница, во срцето на источниот регион, инвестираме во земјоделие, во модерни системи за наводнување и поддршка на локалните производители. Ќе има доста проекти од локалната самоуправа и од оштините, но и од владата. Луѓето оправдано имаат очекувања, и тоа се региони од каде иселувањата се драматични, мора да ги задржиме луѓето тука, да веруваат во својата земја и во перспектива во својата земја. Во Кавадарци, градот на виното, градот на лозјата продолжуваме со поддршка за земјоделците и изградба на инфраструктура која ќе го зајакне локалниот бизнис.
Во Струмица, ќе се гради нова ера на локален развој преку индустриски зони и модерни јавни услуги. И секоја друга општина, секој град и секое село, ќе добие своја шанса, свој развој, своја иднина, порача Мицкоски.
Тој потенцираше дека програмите на кандидатите за градоначалници не се декларации напишани зад затворени врати, туку тие се создадени со учество на граѓаните, со експерти, со искуства од позитивни практики во Европа и во светот. Во нив има конкретни проекти, мерки, рокови. Во нив има визија, но има и план.
-Што е изборот ако не огледало на нашата совест и на нашите соништа? Не е тоа само парче хартија, не е тоа само бројка во статистика. Изборот е мигот кога човекот решава на кого ќе му ја довери својата надеж, своето утре и иднината на своите деца. Во тој миг, секој од нас станува и политичар, и судија, и визионер. А кампањата? Кампањата е патување. Таа е разговор со народот, средба со неговите болки и со неговите соништа. Кампањата е време кога зборовите се мерат со срцето, кога секое ветување мора да носи тежина, кога секој гест станува порака. Но кампањата, ако е чесна, е повеќе од борба за гласови, таа е борба за доверба, вели Мицкоски.
Тој додаде дека очекувањата секогаш се високи, бидејќи луѓето сакаат подобар живот, но уште повеќе сакаат достоинство. Сакаат да бидат слушнати, почитувани, признаени. Да знаат дека нивниот труд, нивната мака и нивната љубов кон оваа земја имаат смисла.
-Затоа вистинскиот политичар не е оној што најубаво зборува, туку оној што најмногу слуша. Не е оној што ветува најмногу, туку оној што го исполнува со најмногу чесност. Како што кажав. Тој пред сè мора да е човек. Човек што знае да се исправа пред народот со чисто срце, човек што ја чувствува болката на другиот како своја, човек што верува дека функцијата е должност, а не награда. Денеска сме собрани токму за таквите луѓе. Јас верувам во нив. Како што рече Нелсон Мандела: „Секогаш изгледа невозможно, додека не се направи.“ и навистина е така, некои работи делуваат невозможни додека не се направат. Ние сме тие што мора да го направат невозможното возможно. Нема друг пат. Не постои друг избор, вели Мицкоски.
Тој додаде дека човечноста не се мери со функција, ниту со титула, туку со способноста да ја почувствуваш болката на другиот како своја и радоста на другиот како најголема победа.
-Твоето место е повеќе од адреса на мапа. Тоа е улицата по која чекориш секое утро, училиштето каде твоете деца учат, пазарот каде купуваш, паркот каде седиш со пријателите. Твоето место е коренот на твоите соништа, домот на твојата надеж. Ако го сакаш, ќе го градиш; ако го градиш, ќе го засакаш уште повеќе. Мора заедно да си помагаме тоа да биде подобро и поубаво. Твојата иднина е заеднички пат. Таа не е далечна слика, таа почнува денес, со секоја одлука што ја носиме заедно. Во иднината ќе се огледа сето она што ќе го оставиме на нашите деца, дали тоа ќе бидат шанси, достоинство и надеж, или долгови, сиромаштија и разочараност. Нашата должност е иднината да ја направиме подобра од сегашноста, и да создадеме причина од која ќе се гордееме.
И токму тука се спојуваат сите три, човечноста, местото и иднината, во едно, додаде Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во својот говор од Штип порача дека вистинскиот избор е оној што ја чува човечноста, го гради твоето место и ја создава твојата иднина.
-Ако денес ме прашате што ме држи буден ноќе, не се тоа говорите или рекламите или настапите на телевизија, не се протоколите, не се салите полни со луѓе. Тоа се списоците што ги носам во мислите, на недовршените улици, неосветлените училишни дворови, незагреаните училници во кои седат наши деца, на предизвиците со кои се среќаваат нашите луѓе. Тие списоци се мојата будилка. Тие ме потсетуваат дека да се биде политичар не е награда, туку должност; не е титула, туку товар што мораш да го носиш со чест и одговорност. Како што рекол Аристотел: „Целта на некој кој води не е да владее, туку да служи.“
И само така, преку служење на соствениот народ, еден ден, кога ќе се завртиме назад, ќе кажеме: тука почна новиот стандард, не затоа што беше лесно, туку затоа што беше чесно и мерливо. Еден ден ќе бидеме горди што сме изградиле нови училишта и градинки, што сме ги обновиле улиците и парковите, што сме создале можности за младите да останат овде. И повторувам, не затоа што било лесно, туку затоа што било исправно, вели Мицкоски.
Тој во својот говор на кандидатите за градоначалници им порача дека денес не бараат аплауз за ветувањата, туку доверба за работа. Зашто вистинската награда не е во аплаузите, туку во животот што ќе го направиме за некого да биде подобар.
-И резултатите ќе дојдат, ќе бидат за сите, не за привилегираните. Како што рече Абрахам Линколн: „Најдобриот начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш.“ Ние вечерва не ја предвидуваме, ние ја создававме и ќе продолжиме да ја создаваме, за секое дете, за секое семејство, за секој човек што верува дека достоинствен живот во своето место е право, а не луксуз, подвлече Мицкоски во својот говор.