
Она што мислам дека треба час поскоро да го направам е да го конституирам советот за дијаспора за да може преку него континуирано да си ги регулираме односите, рече претседателката Сиљановска – Давкова, обраќајќи се на нашинците кои присуствуваа на настанот по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со САД.
Должници сме кон вас и јас ветувам дека се што можам ќе сторам за да ги интензивираме контактите и за да бидеме заедно и тогаш кога сме одвоени, рече Сиљановска – Давкова.
Како што јави известувачот на МИА, таа им порача да останат сплотени, да не ги пренесуваат делбите, но и да не создаваат делби надвор.
Секогаш ги молам граѓаните да не ги пренесуваат делбите и да не создаваат делби надвор. Затоа посакувам да останеме заедно, но и овде да останете заедно оти секој има потреба од некој друг, рече претседателката.
Таа укажа дека прекрасно се чувствува секогаш кога ќе дојде овде во земја во која, вели, за да успеете навистина треба да имате знаење и интегритет.
Знам дека вие сте најдоброто, за жал, најдоброто заминува. Знам дека ова е вашата втора татковина. Ви се извинувам за неправдите кон вас, знам дека има шанса заедно да ја смениме и татковината ама и човештвото, бидејќи светот не оди во добар правец, порача Сиљановска – Давкова.
Што се однесува до 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со САД, таа рече дека посакува и во следните 30 години да продолжиме со стратешкото партнерство бидејќи „живееме во време невреме и сиот дух треба да го прибереме оти тоа е она што ќе го движи човештвото напред“.
Кога слушам понекогаш „America the great“, си велам па не е лошо во овие чудни времиња да имате за пријател некој којшто е „the great“, оти тогаш и вие не сте мали, истакна претседателката Сиљановска – Давкова.
На настанот присуствуваа и министрите за надворешни работи и за евроинтеграции, Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани, кои ја придружуваат претседателката на работната посета во САД, како и претставници на дипломатскиот кор и истакнати гости од јавниот и општествениот живот.
Од воспоставувањето на дипломатските односи со САД до денес континуирано се продлабочува политичкиот дијалог, а заедничките напори придонесуваат за унапредување на демократијата, безбедноста и стабилноста во регионот, Европа и светот.
Во 1994 година е отворена првата Канцеларија за врски во Вашингтон, а една година подоцна се отвори и Амбасадата.