
Со голема чест и признание за нејзиниот придонес кон театарската уметност, особено во комедијата, актерката Весна Петрушевска, членка на ансамблот на Македонскиот народен театар (МНТ) беше прогласена за лауреат на наградата „Васил Иљоски“ на 28. издание на фестивалот „Денови на комедија“.
Наградата „Васил Иљоски“ се доделува како високо признание за животен и уметнички придонес во театарот. Петрушевска ја добива во 2025 година токму за својот особен придонес, особено во полето на комедијата.
Ви благодарам за наградата „Васил Иљоски” за лауреат на 28. издание н Денови на комедијата. Бев клинка на 13,14 години кога почнав вистински да го сонувам мојот сон. За да бидеш свој подразбира многу борба, храброст, работа, талент, љубопитност и доследност. Не би менувала ништо кога ќе трепнам наназад. Сум насмеала илјадници луѓе, сум делела љубов на сцена, ден денес сум своја и борбена. По пат сретнав и лоши луѓе, безочни, но и прекрасни. Имам 55, но во душата сум дете. Денес бев многу среќна ,беа со мене мама и Мина…ми недостасуваше тато за кој сум сигурна дека ќе ја имаше онаа негова шеретска насмевка. Наградата е за мама, напиша актерката на Инстаграм.
Со уникатна сценска енергија, актерска прецизност и вродено чувство за хумор, Петрушевска е една од најпрепознатливите фигури на современата македонска театарска сцена. Нејзиниот талент се согледува во улоги што остануваат запаметени – не само по смеата што ја предизвикуваат туку и по слоевитоста, длабочината и општествената критика што ја носат.
Комедијата, во нејзините изведби, не е само форма на забава туку и алатка за размислување и за емпатија. Со доделувањето на ова признание, фестивалот ѝ оддава заслужена почит за нејзината посветеност и силното влијание врз развојот на театарската уметност во Македонија.
Фестивалот „Денови на комедија“ официјално започна на 24 септември и ќе трае до 10 октомври. Публиката ќе има можност да проследи вкупно единаесет претстави.