Skip to main content

Инспиративен мастерклас во Битола на славниот кинематографер Дариус Конџи

ИФФК „Браќа Манаки“

Во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“, преполното кино „Манаки“ во Битола го пречека славниот кинематографер Дариус Конџи, добитник на Златна Камера 300 за животно дело, кој одржа инспиративен мастерклас пред студенти, филмски професионалци и љубители на филмската уметност.

Мастеркласот на големиот Конџи во Битола, беше вистинска можност за учесниците да се запознаат со неговото искуство, филмската филозофија и начинот на кој светлото, драмата и сторијата се спојуваат во неговите ремек дела.

Конџи, кој е роден во Иран, а израснат во Париз близу Версај, својата љубов кон филмот ја открил уште како дете, кога со мајка си и сестра си редовно посетувале театар и кино.

Сакав да бидам исплашен како мал, а сестра ми сакаше да ме плаши“, се пошегува тој, раскажувајќи за своето детство и конзервативното семејство кое, сепак, го поттикнувало кон уметноста.

Конџи говореше за почетоците со 8 мм камера, но и за своите соработки со врвни режисери на светската сцена. Меѓу нив, го истакна Дејвид Финчер и неговата работа на филмот „Se7en“, која го оставила длабоко импресиониран.

Првиот впечаток кога го видов сценариото ми беше фантастично. Тоа беше основен елемент за создавање на филмот. Сакам енигма, сакам темни места во приказните,“ објасни Конџи.

Говорејќи за своите филмски искуства, тој сподели и анегдоти од снимањето на Delicatessen, Stealing Beauty, Alien: Resurrection, Ninth Gate, The Beach и The Interpreter. Конџи истакна дека секој проект носи различни предизвици, од ограничен буџет до специфични услови за снимање, како во случајот со The Interpreter, каде добиле дозвола да снимаат во Обединетите нации само во време на викендите.

Дариус Конџи: Треба да мислиш дека кога се снима филм, буквално се` е твоја работа/ Фото: ИФФК „Браќа Манаки“

Немавме дозвола да снимаме во зградата на Обединетите нации, тоа беше во време на Кофи Анан. Сепак, на крајот добивме дозвола да снимаме, ни беше даден ОН само за викендите. Беше неверојатно искуство да се снима во овој објект, тоа е многу убаво место за снимање филм. Го знаев секое ќоше, знаев каде ќе ми стои секое светло. Беше привилегија да се снима таму. Никол Кидман и Шон Пен беа фантастични актери“, истакна Конџи.

Конџи зборуваше за актерите, ситуациите и драмата кога го работел на „Деликатесен“.

Движењето на камерата беше многу едноставно. Снимавме во мал простор, тоа беше стара фабрика за цигари, немавме голем буџет, немавме пари. Кога започнуваш, сакаш да ја контролираш количината на бојата, осветлувањето. Во „Деликатесен“ имавме светла што трепкаат. Потоа во следните филмови тие процеси ги сменивме“, додаде кинематограферот.

На прашање од студент во публиката за тоа, дали работата на режисерот и кинематограферот треба да се оддели, Конџи нагласи:

фото: ИФФК „Браќа Манаки“

Треба да мислиш дека кога се снима филм, буквално се` е твоја работа. Развивај се себеси преку работа со оној кој е најинтересен за твојот развој. Прифати се себеси, сум го правел тоа и јас, иако сум паѓал многу пати. Кога треба да се изберат леќи за снимање, ги избирам заедно со режисерот. Не сум сам во процесот, во снимањето филм сме секогаш „Ние“.

Прашан за тоа, на која филмска сцена е горд, Конџи во преполната сала, кажа дека на ништо поврзано со неговата работа, не е горд.

Јас сум горд единствено на моите деца, рече тој.

Поврзани вести