Skip to main content

Орце е вистинскиот избор за Скопје, најдоброто за главниот град допрва доаѓа

Под мотото „Прво човек, потоа градоначалник“ – ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска го промовираа својот кандидат за скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски. Промовирана беше и советничката листа, предводена од професорот Даме Димитровски, која брои вкупно 45 кандидати за советници.

Како што беше речено, Орце е вистинскиот избор за Скопје, а најдоброто за главниот град допрва доаѓа.

Скопје денес е загубено и заглавено во дневната политика, препирките, нефункционалноста и лошото менаџирање. Мотивот зад таквата слика е веројатно во лукртивноста и политичките комбинаторики од кои жртва се токму граѓаните на Скопје. Една од првите задачи на новата администрација и градоначалник мора да биде лоцирање на одговорноста согласно законот и правото. Мора да има одговорност за упропастениот и нефункционален град, за оставениот хаос и упропастените институции, за градот затрупан во отпад и за часовите поминати во чекање на јавен превоз. Само така може да се подвлече линијата од која се става крај на хаосот и почнува развојот, работата за Скопје и создавањето на она за што денес сите се бориме – нормален и среден град. Тука ќе подвлечам две работи. Прво, во однос на предложувањето на кадровски решенија, ви кажувам дека ги научивме лекциите од минатото и грешки нема да има и второ, она што треба да се направи во Скопје подразбира многу работа, посветеност и вистински луѓе на вистински места, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Како претседател на Владата, Мицкоски напомена дека од секој градоначалник ќе бара отчетност и работа.

фото: ВМРО ДПМНЕ

Ќе воведеме јавни извештаи на секои три месеци – пред граѓаните, пред јавноста. Одговорноста пред граѓаните не е опција, таа е обврска. Направивме детални анализи, анкети, слушнавме илјадници граѓани и ги бележиме проблемите кои се провлекуваат во општините. Иако дел од нашите градоначалници влегуваат во втор мандати, ќе има промени во начинот на работа – ќе има нов пристап, поголема енергија, повеќе теренска работа и решавање на конкретни проблеми. Светот се менува со невидена брзина. Додека ние се занимаваме со подметнати пожари и евтини политички игри, светот гради генеративна вештачка интелигенција, оди кон нова ера на супер интелигенција, менува економии, трговски системи и глобални односи. За десет години светот ќе биде поинаков од оној којшто го знаеме. Ние мора да сме за тоа подготвени, мора да имаме стратегија. Затоа Македонија мора да има силни и компактни политички тимови, мора да постои соработка и единство помеѓу локалната самоуправа и Владата. Само така ќе ги решаваме заедничките проблеми – од чист град и подобра инфраструктура, до поврзување со светските трендови. Политичките интриги и конфликтноста само ја зголемуваат апатијата. Ние сме тука да работиме, а не да глумиме политика. Сега е времето на одговорни, чесни и работливи луѓе. И заедно ќе успееме, потенцира Мицкоски.

Според него, градоначалник е само титула.

фото: ВМРО ДПМНЕ

На Скопје му треба повеќе од тоа – му треба човек. Му треба карактер кој го разбира градот, кој ќе го развива. И Орце е вистинскиот избор за тоа. Прво човек, а потоа градоначалник. Овој избор не е партиски – тој е човечки. Тој е за вашето маало, за вашето семејство, за вашата иднина. Тој е изборот за твојата улица, твојата градинка, твоето училиште, но и твојот парк. Тоа е избор дали ќе останеме исправени и ќе одиме напред, или ќе дозволиме да нè вратат назад, таму каде што надежта се губеше, а довербата се рушеше. И ова не е само слоган со кој Орце ќе настапи на овие избори – во тоа се состои и суштината на функционирањето на животот: прво да бидеш човек, кон сите луѓе, а дури потоа нешто друго, во случајот градоначалник. Моето искуство говори дека кога Орце ќе се зафати за некоја работа – таа и ќе ја заврши, без многу полемика и демагогија. Така ќе работи и за нашиот град, за нашето Скопје и затоа верувам и сигурен сум дека Орце е вистинскиот избор – за секој еден од вас, за твоето маало, за твојата општина, за заедничката иднина. И овој избор е лесен, и секој може да направи споредба, но е многу значаен, од тој избор зависи иднината на Скопје, нагласи партискиот лидер.

Секој од нас, дополни, има своја замисла, визија и свој поглед на главниот град, но мора да се врати нашето сеќавање од детството – зелените паркови, тревниците, незагаденото и еколошки чисто Скопје. Скопје треба да го реши и јавниот превоз, постојките преполни со луѓе кои чекаат превоз да станат минато. Функционирањето на јавниот превоз мора да подразбира складни решенија кои ќе бидат функционални и одржливи. Скопје мора да се поврзува – да се градат мостови, сообраќајници и клучки, да се реши она што ги мачи сите скопјани, а тоа е сообраќајниот хаос.

Секој од нас во срцето носи една тивка мапа – од улици, агли и дворови што нè изградија и ни дадоа сила. Места кадешто првпат паднавме и места кадешто повторно се исправивме. Каде што ја научивме најважната лекција – дека животот е борба, но и надеж. Тоа маало, тој град, таа земја – тоа сме сите ние заедно. Нашата историја. Нашата болка. Но и нашите соништа. И градот Скопје, како таков, секогаш бил уникатно место на спомени, приказни раскажувани, но и приказни недоискажани. На надеж, на тага, но и радост. Нашиот град никогаш не бил само бараките на Илинденска покрај паркот, туку многу повеќе – и во карактерите и човечките судбини кои го обликуваат овој град, но и во мирисот на липите на пролет, во сеќавањата на чистиот Вардар, во утрата на клупите на Партизанска и Илинденска, во дружбата по маалата, скопското корзо, катчињата по населбите кои го сочинуваа градскиот живот. Сеќавањето за минатото во Скопје не е само очекувана и разубавена носталгија за времињата кои поминале, туку во себе носи и еден револт кај секој од нас за она што попатно го загубивме во градот и денес го немаме – нормалниот живот, чистиот град, животот во Скопје полн со приказни, функционални решенија и основа за создавање на нови приказни и надежи за сегашните но и за и идните генерации. Можам да кажам дека денес Скопје се бори да ги задржи основните функции кои треба да ги има еден град и се бори за опстојување како метропола. Да бидеме искрени, Скопје денес е истоштено. Тоне меѓу политиканство и незаинтересираност. И тоа мора да запре. Прво и најважно – мора да биде исчистен и среден град. Скопје кое нема да има смет по улиците, преполни контејнери и постојана борба да се складира отпадот во депониите прописно, порача партискиот лидер.

Потсети и дека Скопје секогаш бил и град на културата, уметностата и динамичниот живот.

Да се врати Универзалната сала, нова зграда на Драмскиот театар, концертите, претставите, животот полн со случувања. Да се восхитува и вреднува уметниците кои оставија трага во овој град, да се вреднуваат нивните дела и да се дава поттик и енергија за создавање на нови имиња и вредности. Орце, да продолжиш и во иднина со цврсто подадена рака кон секого, а ние обединети да покажеме дека овде не се работи за политика, туку заедно – за Скопје кое ќе оди напред. Така ќе оставиш трага во градот. Во Кисела Вода веќе покажа и колку може и како може да сработиш. Голем работник си, чесен и цврст карактер, рече Мицкоски.

фото: ВМРО ДПМНЕ

Ѓорѓиевски во обраќањето пред присутните најави многу проекти, меѓу кои и „генералка” на Скопје во првите 72 часа од мандатот. Порача дека е доста од поделби, празни зборови и бескрајни надмудрувања, изговори и алиби сценарија. Кога предизвиците не се лесни, решенијата, подвлече, се работа, истрајност и чесна намера. Тој ги повика своите противкандидати кога ќе го добие мандатот, како што нагласи, да работат заедно со него за подобро Скопје.

Пред нас е нова страница – на создавање вредности. Ќе ставиме крај на конфликтите, суетата и инаетот. Од многу општини, од многу маала, од многу јазици, ние сме само едно Скопје. Не дозволувајте минатите нееднаквости да не сопрат кон исполнување на нашата заедничка цел. Скопје мора да биде град во кој сите ќе живеат убаво, достоинствен дом на сите граѓани. Ова не е само моја патека, туку на сите нас. Стојам пред вас не како политичар, туку како човек кој нема да гледа на мандатот како на личен успех, туку како на обврска кон граѓаните. Стојам пред вас, не како политичар кој ветува чуда, туку како еден од вас. Како човек. Како човек кој секое утро го дише истиот воздух, кој заглавува во истиот сообраќаен метеж, на кого му пречат истите диви депонии и кој сонува за подобро, поуредено, почисто Скопје. Како човек кој има родители, сопруга, дете, за кои се грижам да бидат спокојни, безбедни, да имаат пристојни услови за живот, да имаат убави училишта, градинки, спортски сали. И токму затоа, овој град заслужува повеќе од градоначалник. Заслужува човек. Затоа велиме: Прво човек, потоа градоначалник. Човек кој ќе знае дека секоја одлука не е само ставена потпис на документ, туку вистинско влијание врз нечиј живот. Човек кој нема да гледа на мандатот како на личен успех, туку како на обврска пред илјадници граѓани што му ја дале довербата. Човек кој разбира дека политиката е само алатка, а вистинската цел е достоинствен живот за секој човек, во секое маало, рече Ѓорѓиевски.

Доаѓа време, додаде, во кое нема да се прашуваме дали може подобро, туку тоа подобро реално и заедно ќе го живееме.

Нашата иднина не е нешто што ќе го чекаме. Таа е нешто што ќе ја создадеме заедно. Со трпелива работа, со чесна намера и со љубов кон градот кој е наш заеднички дом. И кога ќе поминат години, кога ќе погледнеме наназад, ќе знаеме дека ова било времето кога Скопје почнало да се менува – не со едно ветување, туку со илјадници мали дела. Ова е нашата шанса. Шанса да го направиме Скопје град на кој ќе му се восхитуваат – со модерна инфраструктура, чист воздух, зелени површини, културна сцена и економија што ќе ги задржи младите овде. Шанса да оставиме наследство за кое ќе бидеме горди. Скопје е пред големи предизвици. Скопската реалноста мораме да ја смениме. И ќе ја смениме. Заедно. Со работа. На Скопје му треба работа. Овие проблеми не се посилни од нас. Тие се само тест на нашата решителност и подготвеност да се бориме за град кој го сакаме. Заедно веруваме дека Скопје може да биде поинаков град. Почист, побезбеден, поправеден. Град во кој секој човек ќе има чувство дека е дома. Ова не е само моја борба, ова е нашата заедничка мисија. Најсилниот збор во демократија е ‘ние’. Ние, скопјани. Ние, граѓаните. Ние, кои веруваме дека можеме да направиме промена. Како што вели нашиот претседател Христијан Мицкоски – Ние не бегаме од предизвиците, ние ги решаваме, рече кандидатот за градоначалник.

Како што нагласи, на Скопје му требаат проверена посветеност и видливи резултати.

фото: ВМРО ДПМНЕ

Не влегуваме во овој предизвик заради бројки, туку затоа што веруваме дека овој град заслужува повеќе. И затоа што знаеме дека можеме заедно да го постигнеме тоа. Ова не е глас само за мене. Ова е глас за човек, за надежта, работата, посветеноста, решителноста. За иднината во која нашите деца ќе растат онака како што ние немавме шанса, а сме посакувале и барале. Знам дека многумина од вас се скептични. Со години слушате слични ветувања и на крајот останувате разочарани. Но, јас не доаѓам пред вас само со зборови и планови. Доаѓам со докази. Доаѓам со сработеното. Во изминатите години, заедно со мојот тим и со граѓаните, покажавме како се работи во Општина Кисела Вода. Од запуштени површини создадовме нови паркови и игралишта. Реконструиравме улици кои беа заборавени со децении. Докажавме дека може да се работи чесно, брзо и одговорно. Тоа што го направивме во Кисела Вода не е само локален успех. Тоа е доказ дека можеме. Тоа е моделот на работа, енергија и посветеност што ќе го примениме во секоја населба и за целото Скопје. Веќе еднаш покажав и докажав дека кога се сака – се може. Најтешките пречки можат да се надминат ако си човек и ако работиш. Тука сум да ги слушам потребите на моите сограѓани и да одговорам на нив. Човечки. По скопски. Кога зборувам со млади, велам да не ги слушаат оние што велат „чекај“, „не можеш“, „не се менува ништо сите се исти“. Иднината не е нешто што ни се случува, таа е нешто што ние го градиме и креираме. Со секој чекор, секоја идеја, секој проект што го реализираме. Иднината никогаш не ја создавале оние што се откажале, туку оние што чекорат напред, дури и кога е најтешко. Скопје заслужува лидери и граѓани што нема да се откажат пред било кој предизвик, посочи Ѓорѓиевски.

Осврнувајќи се на планираните проекти, најави во првите 72 часа од мандатот мобилизација на сите јавни претпријатија, компании, невладини организации за чистење на градот.

Да покажеме дека грижата за заедничкиот дом почнува од прагот. Но, тоа е само почетокот. Следува четиригодишна програма „Град без депонии“. Со дронови, дигитален надзор и фабрика за рециклажа, ќе ставиме крај на дивите депонии. Ќе воведеме Еко бригади кои 24/7 ќе се грижат за јавната хигиена, а централното градско подрачје и булеварите секојдневно ќе се мијат со вода под притисок. Нашата визија е скопјани да дишат здрав воздух. Затоа, почнуваме со масовно пошумување на градот, водено од науката. Ќе создадеме нови зелени коридори. Четири нови големи паркови. Ќе го претвориме Вардариште од депонија во зелена оаза. Ќе ја создадеме градската шума во Расадник. Ќе подигнеме нов парк кај реката Лепенец и уште еден долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош. И не застануваме тука, ќе создадеме и најмалку 50 мали, маалски паркови низ сите населби. Нашата визија за зелено Скопје не е само сон. Таа е инспирирана од најдобрите европски приказни. Погледнете ја Љубљана, град кој од сив индустриски центар стана Европска зелена престолнина. Тие го затворија центарот за сообраќај и го претворија во огромна пешачка зона. Воведоа најсофистициран систем за управување со отпад, каде речиси ништо не завршува на депонија. Докажаа дека трансформацијата е можна. Јас ви ветувам, тој модел на амбиција и работа ќе го донесеме и тука. Скопје има потенцијал да не биде најзагаден град. Ќе го вратиме животот и на нашите реки. Со проектот „Жив Вардар“, ќе ја заштитиме и ревитализираме реката, ќе го исчистиме коритото и ќе изградиме современ кеј од Ѓорче Петров до Горно Лисиче, со пешачки и велосипедски патеки, рече Ѓорѓиевски.

Хаосот, порача, мора да престане.

Затоа, почнуваме со целосна комунална обнова на Скопје. Ќе изградиме комплетен систем на атмосферска и фекална канализација. Не смее во 21 век Скопје да се дави во вода по секој дожд. Ќе ја модернизираме водоводната мрежа и преку дигитален мониторинг и санација ќе ставиме крај на огромните загуби на вода. Ќе изградиме нови резервоари за висинските зони во Карпош, Нерези, Автокоманда, Железара и Ѓорче Петров, за да има стабилен притисок за сите. Ќе ставиме ред и во урбанизмот. Ја враќаме функцијата Градскиот архитект. Ќе формираме ново јавно претпријатие „Урбан Центар Скопје“ кое ќе го врати планирањето во рацете на градот и граѓаните, а не на приватните интереси. Ќе донесеме нов Генерален урбанистички план, заснован на долгорочна „Визија за Скопје 2025/2045“, која предвидува одржлив, зелен и функционален град. За секој нов јавен објект ќе има задолжителен јавен електорнски конкурс. За значајните проекти ќе има меѓународен конкурс. Одлуките за Скопје ќе ги носиме заедно. Сообраќајниот хаос ќе го решаваме со работа, не со изговори. Ќе ги довршиме сите започнати булевари, мостови и клучки: Булеварот АСНОМ односно мостот Михаило Апостолски ќе го поврземе со Автокоманда , булеварот Љубљанска ќе го поврземе со улица Скупи , клучката Момин Поток и булеварот Борис Трајковски. Но, ќе изградиме и нови: булевар Македонија со подземната сообраќајница, делницата Хрватска помеѓу Гази Баба и Чаир и Бутел, булеварот Цветан Димов и трета лента на Александар Македонски. Конечно ќе се реши и хаосот со паркирањето преку изградба на катни гаражи во Буњаковец и Пролет, и монтажни паркинзи во Ново Лисиче, Јане Сандански, Мичурин, Чаирчанка, Капиштец и Лептокарија. Овој град не е само центарот. Скопје е и Волково, и Чаир, и Козле, и Капиштец. Скопје е и Триангла, и Радишани, и Стајковци, и Тафталиџе, и Драчево. Затоа, нашата програма носи развој за секоја населба. Ќе воведеме интегриран јавен превоз кој навистина функционира. Ќе правиме континуирана набавка на нови еколошки автобуси, но и ќе се посветиме на воведување на градски воз, во соработка со Владата, кој ќе ги користи постоечките пруги низ градот, истакна Ѓорѓиевски.

Додаде и дека Скопје ќе биде град на младите.

фото: ВМРО ДПМНЕ

Ќе обезбедиме поддршка за млади брачни парови со ослободување од комуналии. Ќе ги реконструираме и дигитализираме сите средни училишта, ќе воведеме бесплатни хигиенски производи во тоалетите, гарантирана психолошка поддршка и кариерни центри. Ќе изградиме нови објекти за училиштата „Браќа Миладиновци“ во Драчево и „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров. Ќе го вратиме сјајот на скопската култура. Ќе ја обновиме Универзалната сала и киното „Милениум“. Ќе ги заживееме Калето, Аквадуктот и Скупи како отворени културни сцени. Ќе создадеме и поддржиме многу фестивали и културни случувања. Ќе донесеме светски познатиот настапувачи и ѕвезди во Скопје и ќе ги поддржиме сите реномирани фестивали кои се душата на градот. Ќе воведеме целосна дигитална трансформација. Со „Смарт Центар“, „Градски портал“ и паметна картичка „SKOPJE CITY GO“, сите услуги за нашите граѓани ќе бидат на едно место, достапни, брзи и транспарентни. Ова што го набројав е само мал дел од нашата програма за нашето Скопје. Таа е обемна, детална и пред сѐ, остварлива. Пред нас е нова страница. Време на решавање на проблеми и предизвици, на градење систем, на реализација на проекти, на создавање вредности и дела кои ќе траат. Со Премиер и Влада кои се вистински партнери на сите општини, а не кочничари како некои претходно, кои знаат да поддржат и помогнат наместо да опструираат, кои се грижат за сите луѓе и за секој наш дом. Скопје ќе го правиме заедно, тимски, здружени и пред се обединети, рече кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Прв пред присутните зборуваше Даме Димитровски, носител на листата.

Се отвора нова фаза за Скопје, дојдено е време да се преземе вистинска одговорност, беше речено во воведниот дел на промоцијата. Промотивниот настан почна со државната химна во изведба на хорот „Злата Мегленска“.

Поврзани вести