Skip to main content

Сара Сандева- водителка на 46. ИФФК „Браќа Манаки“

ИФФК „Браќа Манаки“

Филмската магија на 46. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ оваа година ќе добие лик и глас во една млада актерка со космополитка биографија и македонско потекло- Сара Сандева.

Родена во Скопје на 25 јуни 1997 година, Сара во најрана возраст, на 2 години се преселила во Чешка. Таму израснала, а својата актерска кариера ја градела во Прага, каде што дипломирала на престижниот Конзерваториум за музика и драма. Од шестгодишна возраст е на сцена, а денес веќе зад себе има богато портфолио од филмови, серии и театарски настапи.

Сандева стана препознатливо лице во чешката кинематографија преку сериите „Gympl s(r) ucenim omeznym“, „Ulice“ и „Rapl“, а потоа и со филмовите „Po cem muzi touzi“ (2018), „Zaklete pirko“ (2019) и големиот балкански проект „Нечиста крв“ (2021). Нејзиниот последен филм, романтичната комедија „ Sping in Prague“ (2025), сниман во Прага и на Филипини, ја потврди нејзината интернационална насоченост и отвореност кон копродукции.

Од сцените на Прага до филмските платна низ Европа, Сандева создаде имиџ на уметница која умее да поминува културни граници со леснотија. Таа зборува чешки, македонски, српски, хрватски и англиски јазик, а токму таа повеќејазичност и културна чувствителност ја прави вистински симбол на генерација што носи елеганција, современост и отвореност кон светот, но и нераскинлива врска со сопствените корени.

Нејзиното присуство како водетелка на свеченото отворање на „Браќа Манаки“ е повеќе од церемонијален момент-тоа ќе биде една биографска целина од Скопје, каде што е родена, преку Прага, каде што е израсната и се школувала, назад во Битола, градот на браќата Манаки, таму каде што започна балканската историја на кинематографијата.

Поврзани вести