
Резултатите од најновата анкета, спроведена од страна на „Вашингтон пост“ и невладината организација „Кеј-еф-еф“ (КФФ), откриваат дека секој шести родител ја одбегнува или одложува имунизацијата на своите деца заради недоверба во вакцините.
По пандемијата Ковид-19, расте бројот на Американци кои покажуваат сомнеж кон вакцините. Овој тренд се интензивираше по назначувањето на Роберт Кенеди Помладиот за министер за здравство, познат по своите ставови скептични кон вакцините.
Анкетата покажува дека родителите кои ги избегнуваат или пролонгираат вакцините за своите деца често се идентификуваат како белци, конзервативци и лица со силни религиозни убедувања, при што значителен дел од нив ги образуваат своите деца во домашни услови.
На национално ниво, во 2019 година 95 проценти од децата во градинките биле имунизирани против морбили, додека минатата година тој процент се намали на 92,5. Во американската сојузна држава Ајдахо, вакцинирани се под 80 проценти од децата во градинка, што е значително под препорачаните 95 отсто за постигнување на колективен имунитет.
Како резултат на намалената имунизација, САД во 2025 година се соочија со најтешката епидемија на мали сипаници во последните 30 години, со три смртни случаи, од кои две деца.
Во САД, вакцините против мали сипаници, заушки и рубеола се задолжителни за децата за да поседуваат настава во училиштата. Сепак, во многу сојузни држави, родителите имаат можност да наведат медицински причини или религиозни уверувања за да ги ослободат своите деца од задолжителната имунизација.
Со анкетата беа опфатени повеќе од 2,500 родители.