Skip to main content

Убиецот на Чарли Кирк го призна злосторството на платформата Дискорд

ScreenShot/X

Тајлер Робинсон, осомничениот за убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк, ја презеде одговорноста за злосторството на платформата за пораки Дискорд (Discord), потврди портпаролот на оваа компанија за Си-Би-ЕС Њуз (CBS News).

Според портпаролот, 22-годишниот Тајлер Робинсон им испратил пораки на пријателите во групен разговор неколку часа пред да биде уапсен минатата недела за пукањето во Кирк за време на настан на Универзитетот Јута Вали (UVU).

Тоа бев јас вчера на UVU. Жал ми е за сето ова“, се наведува во пораката од профилот за кој се тврди дека му припаѓа на Робинсон, што беше потврдено од портпаролот на компанијата и од полициски извор.

Робинсон, кој сè уште не е формално обвинет, треба денеска да се појави на суд. Тој беше уапсен под сомнение за тешко убиство, незаконска употреба на огнено оружје и попречување на правдата, и се соочува со смртна казна.

Пораките на Дискорд, првично објавени од Вашингтон пост, наводно биле напишани кон крајот на повеќе од еднодневната потрага по убиецот на Кирк.

Кирк (31), контроверзна личност во американската политика и близок сојузник на Доналд Трамп, беше застрелан во вратот додека држел говор на настан организиран од Turning Point USA, организација што тој ја основал.

Убиството на популарниот инфлуенсер предизвика бес и меѓусебни обвинувања од демократите и републиканците за ширење говор на омраза. Гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, рече дека Робинсон бил уапсен откако му го признал злосторството на својот татко, кој потоа го убедил да се предаде.

Полициски извори за Си-Би-Ес Њуз изјавија дека Робинсон и неговите пријатели се шегувале за пукањето во групен разговор на Дискорд со повеќе од 20 лица. И покрај ова, портпаролот на платформата рече дека внатрешната истрага „не пронашла докази дека осомничениот го планирал овој инцидент или промовирал насилство на Дискорд“.

Кога пријателите во групата го прашале дали тој е напаѓачот, Робинсон не го негирал тоа, а еден член се пошегувал дека ќе мора да го избегнува МекДоналдс, алудирајќи на местото на апсење на Луиџи Манџоне, убиецот на директорот на голема американска компанија за здравствено осигурување, Брајан Томпсон.

Пораките од неговиот наводен профил, исто така, наговестуваа дека планира да се предаде.

„Се предавам на мојот пријател шериф за неколку моменти, ви благодарам за времето што го поминавме заедно и за смеата, сите бевте толку неверојатни, ви благодарам на сите за сè“, пишуваше во една од пораките.

Гувернерот Кокс рече дека Робинсон не соработува со властите, за разлика од неговиот цимер. Директорот на ФБИ, Кеш Пател, вчера изјави за Фокс њуз дека на телефонот на Робинсон е пронајдена порака во која тој „експлицитно изјавил дека имал можност да го убие Чарли Кирк и дека ќе го стори тоа“.

Истражителите сè уште се обидуваат да утврдат мотивот.

Кокс претходно рече дека Робинсон бил „длабоко индоктриниран со левичарска идеологија“, но јавните записи покажуваат дека бил регистриран како независен гласач, додека неговите родители се регистрирани републиканци. Меѓутоа, член на семејството им кажал на истражителите дека Робинсон станал „пополитички настроен“ во последниве години и ја споменал претстојната посета на Кирк.

Стивен Милер, еден од највисоките функционери во администрацијата на Доналд Трамп, тврдеше дека зад убиството стои организирана кампања, но засега нема докази за ова. Истражителите ги прегледуваат и профилите на Робинсон на социјалните мрежи.

Кирк, побожен христијанин, беше истакнат застапник на правото на оружје, противник на абортусот и критичар на правата на трансродовите и хомосексуалните права, а промовираше и лажни тврдења за Ковид-19 и војната во Украина.

Неговата организација „Turning Point USA“ имаше за цел да шири конзервативни идеи на американските универзитети. Додека поддржувачите го сметаа за пристапен, критичарите ги нарекоа неговите ставови длабоко навредливи за малцинските групи.

Поврзани вести