Skip to main content

Портрет на Игор Анѓелков во Европска куќа-Струмица

На 17 септември во 20 часот, во Еевропска куќа- Струмица ќе се одржи литературен портрет на Игор Анѓелков- еден од најзначајните современи македонски писатели и книжевни хроничари, автор со богат опус и јасен белег во културниот живот.

Неговите романи „Шрапнел“, „Мина“ и најновиот „Ветрилиште“ го отвораат прашањето за идентитетот, за припадноста и за постојаната потрага по смисла во свет кој брзо се менува.
Особено „Мина“ се издвојува како семејна сага, емотивна и комплексна приказна која го истражува влијанието на минатото врз сегашноста и ја отвора вечната тема за тоа колку личните судбини можат да станат универзални. Со прецизен јазик и суптилна артикулирана емоција, Анѓелков создава интимни, но истовремено и универзални приказни кои функционираат глобално и партикуларно.

Покрај прозата, Анѓелков е и автор на книги од областа на филмската есеистика („Филмотопија“, „Филмско око“), со кои успева да го спои светот на литературата со магијата на оваа визуелна, пред сѐ, уметност. Искреноста превасходно на Анѓелков, како и неговата непосредност и ненаметливост го прават еден од ретките автори кои пишуваат само за она што навистина го чувствуваат – и токму затоа неговите дела имаат автентичен, топол и човечки печат.

Како уредник, приредувач и долгогодишен хроничар на урбаната култура, Анѓелков умее да зборува за книжевноста и филмот на начин што е и длабок и прифатлив, со страст што го вклучува и читателот и слушателот во разговор.

Настанот со Игор Анѓелков е повеќе од книжевна вечер – тоа е покана да размислиме за нашето време, нашите навики и нашите приказни. Да зборуваме за книгите и филмовите како огледала на животот во услови на современиот контекст и сложените констелации во кои живееме.
Не го пропуштајте ова исклучително дружење!, велат организаторите.

Поврзани вести