
Откако кандидатот за градоначаник на Чаир од редовите на Вреди, Изет Меџити, утрово се пофали со средба со архитектот Бајрам Вардар за уредувањето на Чаир, неколку часа подоцна и неговиот противкандидат од редовите на Националната алијанса за интеграција, Бујар Османи, објави слична фотографија – со светски познатиот архитект Мишел Ројкинд.
„Денеска со Ројкинд прошетавме низ Чаир. Го слушав внимателно додека ги анализираше улиците, просторот и луѓето. Заедно работиме на визија за урбана преродба на Чаир. Конечно ќе добие долгорочен план за развој и урбанизација“, напиша Османи.
Тој нагласи дека архитектот ги издвоил клучните приоритети – јавен простор, пристапност, естетика и функционалност.
„На Чаир не смее повеќе да се гледа како симбол за хаос и нефункционалност. За мене ова е домот каде ќе вложам секој атом енергија за да го подигнеме од пепелта“, порача Османи.
И Меџити и Османи се кандидати за градоначалничката функција во Чаир.