
На археолошкиот локалитет Скупи денеска беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт, претставуван од Римско-германската комисија.
Министерот за култура изрази задоволство од воспоставената соработка, нагласувајќи ја нејзината стратешка важност.

-Археологијата е значаен сегмент од културно-историскиот мозаик на нашата земја и претставува непроценливо наследство за идните генерации. Ние сме должни да го истражуваме, да го заштитиме и да го афирмираме тоа наследство бидејќи секој археолошки наод е жива врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината, рече министерот.
Соработката ќе овозможи размена на знаења, методологии и заеднички истражувања, со што се очекува унапредување на научните стандарди и меѓународната промоција на македонското културно наследство.

– Овој меморандум претставува силна основа за унапредување на стручната и научната афирмација на нашите археолошки откритија, преку примена на современи методолошки принципи, обработка на материјални докази и нивна промоција во меѓународен контекст. Истовремено, соработката ќе придонесе за развој на културниот туризам како една од стратешките насоки на европската културна политика во 21 век, а со тоа археолошките локалитети ќе добијат нова димензија – не само како научни туку и како туристички атракции кои ја раскажуваат историјата на нашата земја пред светот, истакна министерот.
Заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер, истакна дека соработката ќе се заснова на научни истражувања кои потоа ќе бидат достапни за сите заинтересирани за локалитетот.

– Се радуваме на нашите заеднички активности на овој локалитет кој има многу скриени нешта во земјата кои сакаме да ги обелодениме на луѓето и да ги изградиме капацитетите на Скупи, рече тој. Дополнително, беше потпишан и втор документ од страна на Музејот на град Скопје, со што започнуваат првите конкретни чекори кон реализација на оваа соработка. Очекувањата се дека партнерството ќе придонесе и за развој на културниот туризам, позиционирајќи археолошките локалитети како атрактивни дестинации на европската културна мапа.